ЗА ТЕБЕ

Богата е оваа земја. Има во Македонија уште многу за крадење и без да влезе во ЕУ.

Ова нема врска со математика. Ова е чист популизам на Владата на ВМРО-ДПМНЕ кој не е нешто што не сме го виделе, ниту пак сме изненадени. Од покачување на пензии пред избори, преку чистење на скопското Кале и отварање на булевар во Гевгелија на плус 43 степени во два часот попладне, па сѐ до надворешната политика.

Популизам е и предлогот на Мицкоски, Бугарија како членка на ЕУ во Европскиот парламент да поднесе резолуција за постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Толку е бесмислен, што дури ни Бугарите не го сфатија сериозно.

Ова е како сам да си пукаш во глава. Па ако случајно утнеш, дотепај се со тоа што ќе го проблематизираш и Преспанскиот договор. Се разбира, не ни беше ќејф дека моравме да го смениме уставното име и уште тешко ни влегува в глава „северна“. Но, Преспанскот договор со Резолуција на Обединетите Нации ни го гарантира идентитетот како Македонци што зборуваат македонски јазик, како и културното наследство. И, наместо баш Преспанскиот договор да го користиме во ЕУ како нешто што е завршена работа и за што веќе нема што да се прави муабет, Владата сама се нуди Европскиот парламент, во кој ние немаме пратеници бидејќи не сме членка на ЕУ, да дебатира за нас.

Всушност што бара Владата на Мицкоски? Таму некои луѓе, кои ги избрале гласачите на 27 земји, што немаат врска со нас и баш им е гајле за нас, да гласаат дека – постоиме. Оти ако Бугарија не нѐ одбри дека постоиме, ние не постоиме.

Ме плаши дека ние никогаш нема да влеземе во ЕУ. Така Владата нема да има никаков коректив однадвор. Е сега, ќе изгубиме пари од ЕУ фондовите. Ама, голема работа. Богата е оваа земја. Има во Македонија уште многу за крадење и без ЕУ.

Нова димензија на „жива дипломатска активност“ постигна пратеникот Бојан Стојаноски, кој на Фејсбук објави дека се сретнал со пратеничката Дафина Стојаноска и разговарале за ребалансот на Буџетот.

Бојан Стојаноски е пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. Дафина Стојаноска е пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ. Двајцата седат во ист ред во Собранието. Досега имаше практика од соопштение да дознаеме дека се сретнале министер и заменик-министер во исто министерство. Ама тие се од различни партии. Ваква пракса, да се сретнат пратеници од иста партија во Собрание и да се објават, досега не сме имале.

Ех, што сѐ е спремен да направи пратеник од себе? За Македонија. За тебе.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

 

Back to top button
Close