Како настанала сликата „Ѕвездена ноќ“ на Ван Гог?

Теориите дека сликата „Ѕвездена ноќ“ на Винсент ван Гог е производ на имагинација, претходни скици и сеќавања на пејзажи набљудувани од неговата соба во една француска психијатриска установа – претпоставки стари повеќе од еден век, сега добиваат нов тек…

Живописно небо пред зората (масло на платно), исполнето со големи, сјајни ѕвезди, блескава полумесечина и вртлози од сина и бела боја, доминира над пејзажот во којшто се истакнува чемпрес, додека во далечината, на падините на ридовите, е сместено едно село… Научници од Јужна Кореја тврдат дека ова дело од 1889 година веројатно се заснова многу повеќе на набљудување отколку на фантазија. Како што пренесува „Си-ен-ен (CNN)“, тие тврдат дека го идентификувале конкретното ноќно небо коешто, наводно, холандскиот постимпресионист го прикажал на своето платно. Според трудот објавен во списанието „Сајентифик репортс (Scientific Reports)“, овој приказ на небесниот свод одговара на распоредот на небесните тела каков што би бил во раните часови на 22 јули 1889 година.

Истражувачи од „Јужнокорејската компанија за вселенски истражувања – СЛЛАБ“ и Универзитетот „Кјунг Хи“ во Сеул искористиле уште еден цртеж на Ван Гог – за којшто се верува дека го прикажува истиот пејзаж како и „Ѕвездена ноќ“, за да го идентификуваат ридестиот терен што уметникот го набљудувал. Тие го лоцирале тој пејзаж југозападно од психијатриската установа во близина на Сен-Реми-де-Прованс, во јужна Франција, каде што Ван Гог, за време на својот 12-месечен престој, го насликал ова дело.

Научниците изработиле симулација на небото над тој ридест предел за раните часови на тој датум. Симулацијата ги прикажува Месечината и Венера во спротивните агли на кадарот – Месечината високо во горниот десен агол, а Венера во долниот лев агол.

Сепак, според истражувањето, Месечината во тоа време била речиси полна – а не во фаза на опаѓачки срп, како што ја прикажал Ван Гог на сликата.

Овој новопредложен временски период – сместен во јули, е поткрепен со претходно проучување на платното на Ван Гог, коешто укажува дека уметникот оставил празни места за ѕвездите, пополнувајќи ги дури откако го завршил синото небо. Истражувачите наведуваат дека ова потврдува оти распоредот на ѕвездите претставувал „однапред замислена структура“ и дека бил „внимателно осмислен“.

Иако конфигурацијата на ѕвездите на 22 јули 1889 година најмногу одговара на централниот распоред на ѕвездите во „Ѕвездена ноќ“, научниците претпоставуваат дека ова уметничко дело вклучило и настанало по неколку набљудувања на небото ноќе.

Back to top button
Close