Четири лица загинаа откако воз излета од шините во Германија

Најмалку четири лица загинаа, а 34 се повредени, од кои тројца потешко, во железничка несреќа во германската покраина Баден-Виртемберг, соопшти германската полиција.

Несреќата се случила околу 18 часот во близина на Ридлинген во округот Биберах, кога регионалниот патнички воз на „Дојче Бан“ излетал од шините, според германскиот весник „Билд“.

Пожарникарите и спасувачите моментално ги пребаруваат вагоните за патници, а шест спасувачки хеликоптери се на местото на настанот и ги транспортираат повредените во медицинските центри.

Според полицијата, два вагона целосно излетале од шините, а во возот во моментот на несреќата имало околу 100 патници.

Министерот за внатрешни работи на Баден-Виртемберг, Томас Штробл, исто така е на местото на несреќата.

 

 

Причината за несреќата сè уште не е позната и се истражува дали бури или пречки на шините, како што се паднати дрвја, предизвикале возот да излета од шините.

 

Според локалните медиуми, на несреќата ѝ претходела силна бура проследена со врнежи од дожд, силен ветер и грмотевици.

 

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, коментираше за несреќата, изразувајќи шок од трагедијата во објава на социјалната мрежа X.

„Во близок контакт сум со министерот за внатрешни работи и министерот за транспорт и ги замолив да ги поддржат спасувачките служби со сите средства што им се на располагање“, рече Мерц, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите

Back to top button
Close