Брза помош за брза реклама
Стручњаците што се занимаваат со политичко рекламирање знаат дека добрата реклама е како шверцерска стока. За да помине – треба да биде скриена. Инаку ќе ја откријат и ќарот ќе биде никаков.

Но во нашата држава со години ако не и со децении наназад се одвива брутална политичка реклама од ден на ден. Премиерот и министрите секојдневно ја известуваат јавноста дека почнала изградба на автопат, дека е реновирано училиште, дека е пуштена во употреба нова градинка, па дури и дека се бојосани клупите во паркот или се поставени нови контејнери за отпад.
Така дојдовме и до фазата кога на скопските улици рекламно дефилираа стотина нови амбулантни возила, со вклучени ротациски светла за предност при поминување, при што пристигнаа и пред Владата. Веројатно за да се даде до знаење дека Владата е заслужна што државата купила сто нови возила за брза помош.
Но, крајно е невкусно оваа тема да се користи за политички маркетинг кога јавноста добро знае каква е состојбата во државното здравство. Само до вчера вестите што ги слушавме беа за повторен прекин во снабдувањето со лекарства за малигни заболувања. Социјалните мрежи вријат од поплаки за неквалитетна здравствена услуга во македонските болници и други здравствени установи.
Затоа, наместо парада со цела влада за новите амбуланти возила ќе беше посоодветно оваа новост да биде одбележана скромно и без преминување на границата на пристојност.
Рекламите во судир со реалноста
Во политиката како и во животот, потребно е за сѐ да се има мерка. Бидејќи, рекламите што ги прави Владата често се во судир со реалноста. Токму на денот кога возилата за брза помош беа дочекани како македонската влада да изградила вселенски брод, независни организации објавија дека на нашата земја ќе ѝ бидат потребни уште 52 години за да го достигне европскиот стандард. Тоа значи дека и младите во оваа држава, со сегашното темпо на развој на Северна Македонија, ќе се почувствуваат европски дури кога ќе остарат. Дури и нивната младешка сила и страст нема да бидат доволни да ја подигнат својата земја на повисоко ниво и да бидат финансиски рамноправни со жителите од развиените држави.
Ова го покажа Годишниот извештај за конвергенција 2026, презентиран во вторникот (20.10) на настанот „Каде сме на патот до ЕУ? Патот на Северна Македонија кон европскиот стандард“, организиран од ЗМАИ во рамки на иницијативата Converge2EU. Според извештајот, во 2025 година вкупниот показател за приближување кон ЕУ е намален за 0,1 процентен поен. Од осумте анализирани области, четири бележат подобрување, а четири влошување. Најблиску до европскиот просек се здравството со 80,3 отсто, дигитализацијата со 77,3 отсто и институционалното управување со 72 отсто. Најголемо заостанување има кај инфраструктурата, која достигнува 43,4 отсто од европското ниво, животната средина со 54,2 отсто и економијата со 55,9 отсто.
Ако тоа не е наш колективен пораз, тогаш што е.
Младите на возраст од 25 години ќе дочекаат европски стандард дури на 77-годишна возраст. Тогаш кога тоа нема да им биде ни важно. Тоа не е баш препорака да седат тука и да создаваат многудетни семејства, за да не се случи нашата економија да биде „прва на удар“ поради недостиг на работници, како што порача премиерот Христијан Мицкоски.
„Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, за жал македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар“, порача Мицкоски коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година, годишно ни се потребни 50.000 странски работници за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.
Како да останат младите?
Владината прогноза е дека падот на наталитетот и сѐ поголемата потреба од работна сила ќе бидат меѓу клучните предизвици за македонската економија во наредните години. Според Мицкоски, доколку државата не успее да поттикне демографски раст и да ги зајакне семејните политики, економијата ќе мора сѐ повеќе да се потпира на странски работници.
„Јас ќе останам на оние семејни политики, на многудетни семејства и на политиките што значат иднина за Македонија како држава и нови работни места за македонскиот работник и поконкурентна македонска економија, која ќе расте“, порачува премиерот.
Но како да останат младите? Со ефтини и невкусни рекламни кампањи за успесите на Владата?
Новите 100 амбулантни возила се одлична вест, но не можат да го надоместат сето тоа што недостига за еден млад човек или младо семејство да остане и да чека уште половина век за да бидеме таму каде што земјите низ Европа се денес. Дури и по 50 години, кога се проекциите дека ќе ги стасаме, тие повторно ќе бидат светлосни години пред нас, затоа што во тие години нема да се развиваме само ние туку ќе се развиваат и ќе одат понапред и тие.
Да се рекламира една влада дека купила 100 амбулантни возила, 120 полициски возила, 100 поштенски возила и 53 возила за комунално чистење, или 150 електрични автобуси, е всушност сам по себе показател колку се мали чекорите со кои се движи нашата држава напред. (Dw)
Соња Крамарска






