Голиот и дебел Трамп во Европскиот парламент

Денко Малески

Точно читате. Во Европскиот парламент во Стразбур, Франција, а не во некој музеј на современа уметност, пред некој ден, е поставена статуа на голиот, дебел и позлатен Доналд Трамп седнат на рамениците на еден мал човек. Под скулптурата пишува:„Седам на грбот на еден човек. Тој тоне под мојата тежина. Ќе сторам се за да му помогнам. Освен да се симнам од неговиот грб“. Откога ја „спукаа“ со Путин, европските политичари се на патот да ја „спукаат“ и со Трамп. Вака ли се однесуваат државници одговорни за животите на своите народи?

Интелигентните луѓе не можат да разберат што стои зад одлуката на европските политичари на ваков начин да се провоцира најнарцисоидниот политичар во светот, а можеби и на сите времиња. Да го навредуваат човекот кој ја поседува толку посакуваната воена и економска моќ од која зависи Европа.

Во последно време, забележителна е промената во поведението кај европските политичари: некогашната снисходливост од времето кога европските „седум џуџуња“ трчаа во Вашингтон да му ласкаат за да го одоброволат американскиот претседател, а несреќниот генерален секретар на НАТО Руте го нарекуваше Трамп „Големото Татенце“, е заменета со пркос а сега и со негово исмевање со скулптура во нивниот парламент. Не ли мислат дека Трамп, тој од сите луѓе, ќе им врати?

Кој е мотивот зад ваквото непристојно поведение на најслабата страна од украинскиот триаголник , Америка-Русија-Европа? И тоа кон шеф на држава која, во случај да ги затвори изворите на известителните и сателитеските информации, дроновите и ракетите произведени во Западна Европа би станале бескорисни за Украина и таа набргу би капитулирала. Европа оди од еден екстрем до друг. Во прашање е истото нерационално поведение на европските политичари како и кон Путин со кого, повикувајќи се на својата супериорна либерална идеологија, со години одбиваат да разговараат за безбедносните грижи на големата нуклеарна сила и да бараат модус вивенди. Лути на Трамп кој час се повлекува, час ги поддржува во војната со Русија, со „черчилијанска реторика“, европските политичари упорно му порачуваат на Путин, кого го изедначуваат со Хитлер, дека ќе се борат„на плажите, на улиците во ридовите…“ и нема да дозволат да бидат уценети со оружјето кое го поседува најголемата нуклеарна сила во светот. Навистина ли сакаат заедно со своите народи да бидат кремирани? Се чини, да. А дали тоа го сакаат сакаат нивните народи? За да го испита јавното мислење, пред некое време, германската војска упатила повик до 300,000 доброволци. Се пријавиле 350. И покрај ваквото расположение, министерот за одбрана најави подготовка за војна до 2030. Британскиот прв генерал,пак, некни најави „дијалог со народот“ во кој треба да им се објасни на Британците дека мораат да се подготвува за војна со Русија. Го направи ли тоа, само ќе го прошири бунтот на незадоволните народи на Европа од политиките на своите влади и во својата земја.

Можно ли е светот незадрживо да почне да се лизга кон Трета светска војна? На истото прашање за можна Прва светска војна, германскиот канцелар Бизмарк одговорил негативно.Освен, додал, ако не се случи некаква глупост на Балканот. Токму тоа и се случило. А денес? Мислам дека не е веројатна Трета светска војна во која САД и Русија, заедно со Европа би се кремирале. И би додал: освен, ако не се случи некоја глупост во Европа.А глупости од Европа колку ви душа сака. Ги читам најновите вести : со преку 500 дронови произведени во Европа,Украина, преку Литванија, земја членка на НАТО, го нападнала Сент Петресбург. Русија, која ја добива војната во Украина, за да не го обедини сојузот кој се распаѓа, не брза воено да одговори против земја-членка на НАТО. Но, можно ли е така да се однесува бесконечно?

Секој разумен ќе ви рече дека, во еден момент, таа може да возврати со напад на земја членка на НАТО во која се произведуваат дроновите и ракетите за Украина или преку која тие летаат. Со сигурност од 95%, вели еден Западен аналитичар, Америка нема да „го жртвува Бостон за Полска“, и прашува дали вреди ризикот од 5%.Засега, свесен за непредвидливиот карактер на Трамп, Путин проценува дека не вреди ризикот со кој сите би гореле во пеколот. Но, „глупости“ се случуваат.

На ова мрачно сценарио фрлам малку светлина со една интересна „транцакциска“ прогноза спротивна на воената. Таа гласи вака: Трамп и Путин ќе ги обноват економските односи, Америка ќе го поправи „Северен тек“, гасоводот кој го крена во воздух Бајден на почетокот од украинската војна, и , во улога на посредник, Америка ќе им го продава рускиот гас на земјите на Европа правејќи огромен профит! Со Трамп на чело на Америка, ова сценарио ми изгледа поверојатно.

 

Back to top button
Close