Уапсена жена во Атина поврзана со случајот со мртвото тригодишното неидентификувано девојче пронајдено на плажа
Грчката полиција, по видеата од безбедносните камери и неколкудневната истрага, утрово уапси жена, која е осомничена за смртта на неидентификуваното девојче на возраст околу три години што во неделата беше пронајдено на атинска плажа, јави дописничката на МИА од Атина.
Неофицијално станува збор за жена од Алжир, а во изминатите денови, грчките медиуми објавија видеа од безбедносни камери од населбата каде што беше пронајдено безживотното тело на девојчето, а на кои се гледа жената со две поголеми деца и количка со мало дете чие лице е покриено со капа.
На друго видео, според истите информации, жената ја оставила количката во локален парк и заедно со другите две деца заминала со такси возило.
Претпоставките во Грција беа дека жената во саботата вечерта го оставила девојчето во морето, во непосредна близина на брегот и заминала, а телото беше пронајдено неколку часа подоцна во неделата наутро.
Утрово, по истрагата на полицијата и крајбрежната служба беше пронајдена и уапсена жената.
Крајбрежната служба на Грција, како што објави МИА во понеделникот, 24-часа по пронаоѓањето на телото, преку итно соопштение, објавено на грчки и англиски јазик, упати апел до јавноста да помогне во идентификацијата на девојчето на возраст од три-три и пол години.
Телото на девојчето беше пронајдено во неделата наутро од случаен минувач, било пренесено во детска болница каде што лекарите констатирале смрт, а обдукцијата покажа дека причината за смртта е давење.
Девојчето носело тиркизен костим за капење со долги ракави, има кафена кратка коса и исончана кожа.