Секогаш спроти ветрот

м-р Глигор Стоименов

Ми било секогаш инспирација да пишувам и да пратам некоја порака во предвечерието на еден од нашите најголеми празници, Илинден, 2-ри август.

Секогаш спроти ветрот, до колку е тоа исправно и она вистинското, тоа е некое мое “омилено мото“. Убеден сум дека политичарите мора да се држат до ова начело ако сакаат успех и просперитет на нацијата. Политичарите во мојата земја го немаат тој “луксуз“ и таа “комоција“ да бидат водени и моделирани од јавното мислење, туку тие треба да го моделираат и креираат јавното мислење во насока на исполнување на целите и интересот на нацијата. Тоа е вистинска политика. Тоа особено важи за оваа политичка гарнитура на власт која “јава“ на тој популистички бран, не сака да решава тешки проблеми, но сето ова може да не однесе далеку на “отворено море“.

Пред дваесетина дена лидерот на опозицијата имаше една добра изјава, јас велам тоа беше “изјава на неделата“ во која вели дека немаше да има ниту Крушевска Република, ниту АСНОМ, да беа нашите војводи и борци така неодлучни и плашливи како овие кои се сега на власт. Се согласувам со ова.

Замислете, ќе чекаа гаранции од меѓународната заедница за да го кренат Илинденското востание. Ќе добиеја гаранции на “куково лето“. Исто така и сега овие нашиве, ќе добијат гаранции за ЕУ ама на “куково лето“. Бараме гаранции какви што ниту една земја НИКОГАШ не добила. Нема предвидливост и гаранции во меѓународната политиката, па и во ништо друго, туку треба да се фатите и да ги решавате работите, да се соочите со стравот, така се оди напред.

 

Но да тргнеме по ред.

Знаете како, оваа наша независна и суверена држава се создаде и опстана секогаш со мудра политика, водена спроти волјата на мнозинството наши граѓани, односно спроти ветрот.

Во летото 1991 година, месец август, во предреферендумска Македонија расположението кај народот за да се одвои од Југославија, односно да станеме самостојна држава беше некаде едвај околу 20%. Значи повеќе од 80% од граѓаните беа за тоа да останеме во Југославија, односно за тоа да опстои федерацијата и ние да бидеме дел од таа федерација. Така кажуваа истражувањата на јавното мислење. Но што требаше да направи тогаш мудриот претседател Глигоров и политичкото раководство кога војната беснееше насекаде? Како овие сега? Да изјават дека народот не сака самостојна држава, мора да го слушаат народот и ќе си останеме со Србија, односно во една скратена Југославија или ќе чекавме гаранции? Не почитувани, се одеше “спроти ветрот“. Тогашното политичко раководство знаеше дека нас ни е потребен тој референдум повеќе како “форма“ за да имаат силен аргумент против Слободан Милошевиќ, дека еве Македонците се изјаснуваат дека не сакаат во оваа скратена Југославија, односно “Голема Србија“. Но како да помине сето тоа? Тогаш некои мудри политичари го смислија оној втор дел од референдумското прашање, “со право да стапи во сојуз со другите Југословенски држави“. Овој втор дел од референдумското прашање се надоврза токму на онаа платформа Глигоров-Изетбеговиќ, предложена некаде во април 1991 година, платформа која предлагаше решение на Југословенскиот конфликт во форма на некоја лабава федерација или конфедерација. Токму оваа платформа на градење на една “нова Југославија“ и престанок на воените дејствија беше и круцијалниот дел вметнат во нашиот референдум за да успее.

Многу од нашите граѓани, од моите соседи, кога излегуваа од гласачките места на 8 септември 1991 година, велеа “изгледа ќе ја спасиме Југославија“, притоа гласајќи во исто време и за самостојна Македонија но и за останување во оваа “редефинирана заедница“, Југославија. Како и да е, тоа успеа затоа што имаше мудри и одлучни политичари кои не чекаа некој да им даде гаранции. Секако успешниот референдум на 8 септември 1991 година беше силен аргумент тогаш против Слободан Милошевиќ и генералите на ЈНА кои ја сметаа се уште оваа територија за нешто што им припаѓа. Токму затоа проценката беше дека треба да се има успешен референдум. Понатаму станавме независна држава и се друго е историја.

Но иако веќе прогласивме независност се уште бевме како држава на некоја “ветрометина“, немавме стекнато меѓународно-правен субјективитет, односно не бевме примени во ООН, некои сметаа дека се уште не сме членка на меѓународната заедница. Тогаш повторно мудрата и одлучна политика одеше спроти ветрот, односно спроти мнозинската волја на народот. Блокирани од сите страни со ембарго од север и југ тешко беше и да се преживее зимата 1992-93 година. Тогаш прифативме да станеме членка на ООН под референцата ФИРОМ. Тоа не беше прифатено од мнозинството од нашиот народ но кои ќе беа последиците ако не се направеше тоа, дали некој размислува?? Сепак погледнато од оваа временска дистанца, тоа беше исправна одлука, станавме членка на меѓународната заедница, призната држава и ја заштитивме нашата северна граница. Повторно спроти ветрот. Па дојде таа 1995 година кога моравме да го смениме знамето за да продолжиме понатаму да се интегрираме во европските институции и да не бидеме попречувани од Р. Грција, секако условот беше и симнување на ембаргото и отворање на границите со јужниот сосед за непречен проток на роба и капитал, значајна политичка и економска одлука за нашиот опстанок како држава. Но повторно спроти ветрот, промената на знамето не беше прифатена од мнозинството од нашите граѓани.

Потоа дојде и таа тешка 2001 година. Воениот конфликт и потпишувањето на Охридскиот договор. Многу тешка година за сите нас. Мнозинството наши граѓани беа против Охридскиот договор затоа што таму се редефинираа многу работи од државно-правен карактер, но сепак Македонија го сочува својот суверенитет и остана унитарна држава, а секако се спречи и голема граѓанска војна за чии што последици можеме само да претпоставуваме какви би биле по сите нас. Беше тешка таа година и за мене и никогаш нема да ја заборавам. Бев војник во редовниот состав на АРМ. Дали можев да не одам, дали можев да избегнам воен рок “преку врски“ како што направија многу други? Па секако дека можев. Имав еден куп врски. Вработен бев во Собранието, кај претседателот на Собранието, со татко полковник и началник на секторот финансии и во ЈНА и во АРМ, секако дека можев да избегнам или одложам воен рок поради воената ситуација. Мнозинството од оние кои требаше да бидат во војска тоа го направија, едноставно се сокрија, се разбегаа или се снаоѓаа на разни начини. Затоа едвај имавме 7% одзив на мобилизација. Но не бев само јас со врски. Со мене заедно беа и синот на еден друг командант и полковник, синот на претседателот на Уставниот суд, синот на последниот претседател на ЦК КПМ, министер за финансии и гувернер во независна Македонија и повеќе други. Сите они можеа да не бидат војници во таа опасна воена година. Но, нашите родители тоа не го дозволија. Се мора да биде по закон. Затоа се гордеам со таа моја генерација и со тоа како бевме воспитани. Но како за несреќа имаше многу снег во Скопје зимата 2001-2002 и знаев често за време на долгите стражи кога времето не проаѓа, со тежок панцирен елек на грбот, од оние “старовремски“, да си го поставам прашањето сам на себе “мораше ли вака спроти ветрот“, кога сите избегаа од војска и кога го гледав од касарната Илинден како свети предновогодишно Скопје? Но денес имаме “големи херои“ ама на “две ракии“, имаме и “Гоцева раса“, па нешто као они ќе правеле “второ полувреме“, па “трето полувреме“, а во случај да испијат и трета ракија и Солун ќе го освојат. Па виновен им е после Охридскиот договор. Ама каде беа да ја бранат Македонија, со тој одзив немаше како поинаку да се одбрани Македонија. Не дај боже повеќе да има воен конфликт овде, одзивот сега место 7% ќе биде едвај 1%, сигурен сум во тоа, абе петарда да им пукне ќе се разбегаат овие “силни момци“. Но само нека биде мир.

Потоа следуваа повторно тешки одлуки во македонската политика кои мораше да ги направиме, секако “спроти ветрот“. Еден од условите за добивање на кандидатски статус за членство во ЕУ во 2005 година беше и решавање на територијалната поделба (2004) која беше мачна работа и помина спроти волјата на мнозинството наши граѓани. Но таа работа тогаш мораше да се заврши. Станавме земја кандидат за ЕУ, сепак со одлуки “спроти ветрот“.

Но тука некако како да запре работата. Дојде на власт политичка гарнитура која не прифати да води политика спроти ветрот, туку да го јавне тој “тигар на популизмот“ и видовме како заврши сето тоа. Македонија стагнираше на патот кон ЕУ и НАТО со еден куп нерешени стратешки прашања од голем национален интерес за нас. Станавме проблематичен хибриден режим со дерогирани демократски институции, така пишуваше во извештаите на ЕУ. Епилогот ни е познат. Сето ова заврши со жолти комбиња, прислушкувани разговори и на крајот 27 април како капак на се.

Потоа се смени владејачката елита и повторно мораше да се навратиме на тешките теми и да ги решаваме. Ама сега многу потешко затоа што се изгуби многу време, се изгубија многу генерации, многу народ се отсели во белиот свет.

Па дојде и Преспанскиот договор на ред. Тешка одлука за сите нас но одлука која се донесе затоа што веќе немаше каде и како. Храбра одлука на двајца лидери кои ќе останат на позитивната страна на историјата колку и да го негираат тоа многумина. Впрочем Ангела Меркел го потенцираше тоа во своите мемоари. Македонија едноставно мораше да го затвори ова прашање затоа што тоа веќе стана наше национално и безбедносно прашање, а со тоа нема заебанции.

Но повторно спроти ветрот. Голем дел од нашиот народ воден на крилјата на онаа пропаганда од тогашната опозиција беше против овој договор сметајќи го за предавство на националните интереси и удар кон нашиот идентитет. Но денес да ги прашаме, во кој дел е загрозен нашиот идентитет?? Нека викнат, ги нема ништо да кажат. Но благодарение на тоа денес седиме на иста маса со претседателот на САД и носиме заеднички одлуки со големите сили како рамноправна членка на НАТО. Наеднаш некако станавме успешна приказна во светот со отворена перспектива на планот на евроинтеграциите.

Се гордеам со тоа што ете на некој посреден начин преку јавни настапи и дебати дадов свој придонес во полза на Преспанскиот договор, од политички и стручен аспект. Но животот е секогаш со препреки кои мора да ги совладате.

Никогаш не помислив во тој период дека следна пречка ќе ни биде Република Бугарија, наша пријателска земја, односно нејзиното вето за почеток на преговорите со ЕУ. И тогаш и сега мислам дека тоа е историски најпогрешниот потег, стратешка грешка што ја направи Бугарија. Но што е тука е, сега нема да кукаме над судбината туку мора да се решаваат проблемите.

Но со помош на Република Франција како претседавач со ЕУ во првата половина на 2022 година како и со помош на Германската дипломатија се направи силен притисок врз двете страни особено врз Бугарија за да се откаже од првичните барања во нивната декларација донесена во парламентот. Потоа едноставно се сведе на тоа Бугарската заедница во нашата земја да биде внесена во нашиот устав. Тоа е компромис кој се реализираше под голем притисок и робусна акција од европските дипломати за да ја стават оваа мала балканска земја на вистинскиот колосек. Со усвојувањето на преговарачката рамка Македонија едноставно го затвори проблемот со Бугарија и ги отвори силно вратите за преговори со ЕУ. На Р.Бугарија со оваа рамка всушност и се одземаат сите алатки со кои може да не блокира се до завршувањето на преговорите. За жал тогашната опозиција не сакаше да учествува во ова, тие никогаш и не одеа спроти ветрот. Едноставно беа “молени на колена“ да земат учество и заеднички да партиципираат во работата за време на преговорите околу Францускиот предлог но тие одбија. Намерата им беше на овој начин да дојдат на власт, како и секогаш, другиот да ги решава работите а тие ќе бидат патриоти.

Но почитувани, јас не можам да разберам како некои наши политичари ова околу Преговарачката рамка воопшто не го разбираат или не сакаат да го разберат. Ние сега почнавме самите себе да се блокираме. Абе се собра се и сешто на јавна сцена, од политичари, пропагандисти, приучени, недоучени, квази експерти, разни ебиветровци, све патриот до патриот, почнаа да “маваат“ и “клоцаат“ по Францускиот предлог и преговарачката рамка, ама имам впечаток дека ништо не разбираат. Не ја разбираат суштината, не читаат ништо, погрешно толкуваат и носат заклучоци под емоции и од незнаење, едноставно како да не разбираат колку е тоа важно за нас. За владејачката партија ми е се јасно, тие имаат корист од ова “клоцање“, ама за другите не ми е јасно како ништо не разбираат. Просто кажано фрапира онаа неукост и интелектуална и државничка опскурност на повеќето политичари, аналитичари и квази експерти кои “лупетаат“ нешто по медиумите, тоа е страшно! Па еве сега гледам и една поранешна лидерка на партија, сега пензионерка, “се чеша таму кај што не ја чеша“, веројатно досадно и е по дома, па и она ќе го “оспоравала“ протоколот од преговарачката рамка преку уставниот суд! Протоколот немал правна сила!!! Аууу?? Замисли молим те, кој све не стигна да “мава и клоца“, но за ова “оспоравање“ пред уставниот суд ќе им одговорам во наредниот текст, секако стручно и издржано.

Но знаете како, на крајот и ова поглавје со преговарачката рамка ќе мора да се затвори, секако спроти ветрот. Но прашањето и дилемата која сите треба да си ја поставиме, со колкава цена ќе ја платиме оваа колективна заблуда и незрелост на нашата нација.

Нека Ви е среќен и убав големиот празник, Илинден, 2 август.

 

 

 

 

Back to top button
Close