Ангелов: Дел од кандидатите за пожарникари отпаднаа поради неуредна или неправилна документација
Во првата фаза, административната селекција, дел од кандидатите отпаднаа поради неуредна, нецелосна или неправилна документација, изјави денеска директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов на почетокот на дводневната обука на кандидатите кои се јавија на владиниот јавен повик за превенција на пожари.
Ангелов соопшти дека обуката ја започнале вкупно 364 кандидати во 13 градови во државата, со што се очекува пополнување на места во 28 општини.
– Advertisements –
Од 50 пријавени кандидати во Скопје, Ангелов истакна дека денешната обука ја започнале 34 лица, додека останатите, како што рече, отпаднале во административната селекција поради неуредна или неправилна документација.
„Она што можам да го кажам како прва импресија е дека има одлични кандидати за кои верувам дека успешно ќе ја завршат оваа обука и ќе бидат добар потенцијал за пополнување на испразнетите редови во македонските противпожарни единици“, кажа првиот човек на ДЗС.
„По завршувањето на дводневната обука тие ќе бидат распоредени по територијалните противпожарни единици додека кандидатите од Скопје ќе бидат распоредени во Дирекцијата за заштита и спасување. Лицата кои што ќе бидат во ДЗС ќе продолжат со континуирана обука, а при појавата на некои пожари онаму каде што нема.ризик ќе бидат искористени постепено да се усовршуваат во нивните вештини“, додаде Ангелов.
За оваа работа е предвидена месечна финансиска поддршка од 24 илјади денари.