Нови избори, стари теми и истрошени дилеми

Кој повеќе направил за Албанците, кој помалку, кој ги заштитил, кој не, кој институционално ја стандардизирал нивната претставеност, кој ја нарушил. По паѓањето на ДУИ од власт минатата година, партијата речиси целосно се препушти на ваква политичко-изборна „метрологија“, која со наближувањето на локалните избори се цементира како главна мантра водена од пропагандно градена перцепција дека единствено ДУИ и нејзините албански партнери се чувари на интересите на Албанците.
На прозивките од ДУИ, ВЛЕН секојдневно одговара што се е направено за една година, наспроти две децении претходно.
Граѓани велат дека сега е „многу потешко” партиите да ги прелажат гласачите со пропаганда и ветувања, бидејќи досега е видено буквално се.
„Се гледа дали некој сака да направи нешто или си мисли само на џебот. Кога по 20 години поминати во власта не обезбедил ни канализација во родното Зајас, што да ми каже мене? Нека кажат што направиле за нашето село“, вели Н.Ш. (58) од скопското село Света Петка.
Уверен е дека кај Албанците веќе не поминуваат приказни од типот „после битка генерали“.
„Луѓето ќе прашаат – а зошто не го направи тоа додека беше на власт? Колку пати имало избори, толку пати поминале сите пред мојата тезга (на Бит пазар – н.з.). Сум слушал многу ветувања вака ќе биде – така ќе биде, на крајот гледаш како си ги натовариле ‘магарињата’. И сега пак ќе не ‘спасуваат’. Од кого?“, прашува тој.
Публика за изборната претстава
Граѓани од албанската етничка заедница (слично како и од другите) велат дека ретко кој ги чита или анализира изборните програми кога ќе бидат објавени, а она што останува запамтено се најчесто жестината или досетливоста на репликите што си ги размениле политичките опоненти.
„Останува впечатокот дека изборите се доживуваат како претстава… Тоа го прават тие (политичарите – н.з.) за да привлечат внимание и сигурни се дека има соодветна публика што сака да ги слуша нивните ‘досетки’. И за жал, има. Ќе слушнете – ‘виде ли како му плесна в лице, виде ли како го зафркна’? Додека тоа поминува, далеку сме од компетентна јавност која може да прави суштинска разлика “, вели Р.А. студент на политички науки.

Потсетува дека една од најспомнуваните изјави на минатите избори била онаа на Арбен Таравари, кога понуди таблети „ефридол“ за главоболките на ДУИ, а сега е во ист фронт со ДУИ.
„Толку за конзистентноста, предвидливоста и ‘рокот’ на досетките “, вели тој.
Моноетнички политики во унитарна држава
Иако ретки, се слушаат и забелешки дека еднаш треба да бидат надминати политиките на ветувања „секој за својот етнички атар“. На пример, претседателот на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, минатиот месец ја претстави втората точка на Албанската национална платформа, која е фокусирана во економските политики како основа на одржливиот развој и јакнењето на позицијата на Албанците во Северна Македонија.
Поранешниот минстер за финансии Џевдет Харјредини, потсетува дека во унитарни држави, каква што со Уставот и со Охридскиот Договор е и Македонија – нема, ниту може да има, посебна економска политика која е фокусирана само во „јакнењето на позицијата на Албанците”.
„Има само една економска политика, со која јакне или не јакне позицијата на сите граѓани“, коментира Хајредини.
Помалите заедници невидливи во Фронтот
Соговорник од помала партија во Европскиот фронт вели дека не се задоволни што предводникот на Фронтот во настапите најчесто зборува за интересите на Албанците, а не и за другите помали немнозински зедница, чии политички претставници ги има и во тој фронт. Смета дека има латентно незадоволство поради тоа, но заради целта (локалните избори) тоа засега се става под тепих.
Но, не е така кај сите. Турската демократска партија (ТДП) навести крај на коалицијата со Европскиот фронт. Претседателот на ТДП, Зулфиќар Зејнула, во интервју за порталот TimeBalkan изјави дека одлуката да учествуваат на изборите во 2024 година во рамките на Европскиот фронт била донесена во согласност со политичките услови во тоа време.
„Денес сме во нова фаза“ изјави тој.
На прашањето дали ќе има промена на коалицијата одговори дека не е затворен ставот по ова прашање.
„Наш приоритет е да обезбедиме најдобра можна заштита на правата и интересите на турското општество. Ние се стремиме кон принципи, а не кон коалиции“, потенцира тој.
Неуспешно сценарио
Информацијата за овој чекор на ТДП беше поклопена од бранот реакции за скандирањето на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, кој исто така стана предмет на споредба на состојбите во албанскиот блок – „во наше време, и во ваше време“.
Еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН, Зеќирија Ибрахими, на социјалните мрежи потсети дека сценариото за меѓуетнички провокации на тој натпревар не успеало, бидејќи актуелната влада реагирала веднаш, за разлика од претходните.
„Оваа влада не само што го осуди настанот, што не се случило во последните 22 години, туку сега авторите на антиалбанските скандирања се ставени под истрага“, пишува тој.
Според Ибрахими, по овој неуспех, Ахмети бара уште една можност да инсценира меѓуетнички инцидент со цел да предизвика криза што ќе ги врати него и Груби на власт, и ги повика младите Албанци да бидат внимателни за да не станат жртви на „страста на Соравија за моќ“.(dw)