ИВЗ поканила во Македонија распоп-националист од Албанија, самопрогласен поглавар на „Косовска црква“
Исламската верска заедница во Македонија (ИВЗ) свечено отворила нова џамија во Струшко, каде како гостин го поканила Никола Џуфка, самопрогласен поглавар на т.н. Автокефална православна црква во Косово, пишува „Религија.мк“.
Џуфка бил гостин на свеченото отварање на џамијата во неделата на 3 август, кога поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул-улема Х. хафиз Шаќир еф. Фетаи, придружуван од Генералниот секретар Х. Ирсал еф. Јакупи, муфтиите на Скопје, на Тетово, на Штип, на Охрид и други претставници на ИВЗ ја отвориле новата џамија во струшкото село Татеш. На настанот бил и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.
Џуфка не е признаен како легитимен епископ од ниту една црква во православниот свет, дури ни во Албанската. Самопрогласениот архиепископ на православните Албанци на Косово често во црквите носи шалови со мотиви од „голема Албанија“, па дури и олтари и други делови од црквите ги украсува со такви знамиња, како што може да се види од неговиот профил на „Фејсбук“.
Албанскиот државјанин од Елбасан беше прозван од АПЦ дека лажно се преставува како свештеник. Косовскиот писател и политичар Ветон Сурои го нарече однесувањето на Џуфка „феномен на лажни пророци, познат уште од библиските времиња, кој во последно време добива нова димензија на Косово и во Албанија, предизвикувајќи тензии во етничко-религиските односи во регионот“, пишува „Религија.мк“.
Сурои додава дека неговото делување претставува прекршување на црковните канони, како и на косовското законодавство, кое јасно ја признава Српската православна црква како сопственик и корисник на верски објекти кои Џуфка насила ги присвојувал за својата „црква“.

„Од правен аспект, Џуфка влегува во објекти кои традиционално се во сопственост и употреба на Српската православна црква, што не е само светогрдие, туку и директно кршење на уставно-правниот поредок на Косово, заснован на планот на Ахтисари“, изјави Сурои.
Косовскиот аналитичар Агрон Малиќи, пак, има напишано дека Џуфка е „православен свештеник исто колку што тој е астронаут на НАСА“.