Поништена постапката за набавка на регистарски таблици

Постапката набавка на регистарски таблици за сите видови возила е поништена, но од Министерството за внатрешни работи не соопштуваат кои се причините со образложение дека постапката моментално е пред Државната комисија за жалби. Нема информации колку компании се пријавиле и која се жали.

– Последниот оглас за јавна набавка за регистарски таблици за моторни возила е објавен на 26.05.2025 година со рок за поднесување на понуди до 25.06.2025 година. Со оваа постапка за набавка планирано е да се опфатат сите видови на обрасци на регистарски таблици за сите видови на возила. За постапката беше донесена одлука за поништување и моментално е во жалба пред Државната комисија за жалби по јавни набавки, за што не можеме да дадеме повеќе информации во оваа фаза – велат од Министерството за „Слободен печат“.

Застој во регистрацијата на возилата имаше во 2021 година откако истече договорот со старата фирма „Раде Кончар“ и МВР по повеќе од две децении ја прекинаа соработката.

Новата набавка беше обжалена и одложена од Државната комисија за жалби по јавни набавки, па МВР тогаш спроведе итна постапка за обезбедување таблици и беше избрана фирмата „Квантум“ која во соработка со германска компанија ги испорачуваше таблиците со „НМК“ со потпишување на рамковен договор.

Фирмата „Квантум“ како друштво за сообраќаен, внатрешен и надворешен промет е запишана во Централниот регистар во 1990 година. Сопственик е Алија Реџиќ.

ИЗВОР: Слободен печат

Back to top button
Close