Новинарскиот синдикат бара зголемување на минималната плата: Социјалниот статус на новинарите е на многу ниско ниво
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) апелира до Владата и до работодавците итно зголемување на минималната плата во услови кога, како што наведуваат, сè повеќе новинари и медиумски работници преживуваат со минималец.
Оттаму бараат висината на минималецот да биде на ниво на платите на новинарите од регионот, посочувајќи оти пристојни плати на вработените во овој сектор значи и професионално новинарство, независно од центрите на моќ.
Од ССНМ посочуваат дека нивниот став кореспондира со актуелните барања на дел од останатите синдикати, оти покачувањето на минималната плата е повеќе од ургентно бидејќи неговиот износ е недостоен за пристоен живот на работниците во кои спаѓаат новинарите и медиумските работници.
Владата и синдикатите преговараат за финансиска иднина на работниците во која новинарите и медиумските работници не смеат да бидат одминати. Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024 покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон. Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не поместени од мртва точка во изминатите две години може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а сѐ повеќе се зголемува бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, бараме што е можно побрзо нејзино покачување“, велат од Синдикатот.
Во соопштението на ССНМ се нотира дека социјалниот статус на новинарите е на многу ниско ниво што директно влијае на степенот на нивната мотивација, професионалноста и посветеноста, а дополнително се посочува честата пракса луѓето да бидат истовремено ангажирани на повеќе работни места, за што најексплицитен пример се локалните медиуми, во кои вработените често се ангажирани и на три работни позиции, најчесто на минималец