Директорката од Демир Хисар во вторник ќе оди на информативен разговор

 

Директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска за која началникот на ОВР Демир Хисар бараше со носилки да биде однесена во полиција, за што беше суспендиран и МВР најави негово разрешување, во вторник ќе оди на информативен разговор во ОВР Демир Хисар, најави нејзиниот адвокат Жаре Стеваноски, пишува Слободен печат.

 

– На 12 август во 09:30 часот, директорот заедно со својот адвокат ќе се јави на поканата за информативен разговор во просториите на МВР – ОВР Демир Хисар. По завршувањето на разговорот, од началникот на ОВР ќе биде побарано во негово присуство да се влезе во училиштето, со цел да се утврди кој престојувал во училишните простории на денот на претресот и да се расчистат сите спорни прашања околу законитоста на постапката – соопшти адвокатот.

Тој бара да се утврди врз основа на чија пријава и на кои докази ОВР Демир Хисар пред Основното јавно обвинителство – Битола го формирало „веројатниот основ за сомневање“ за сторено кривично дело, по што судот ја издал наредбата за претрес.

– Јавноста и медиумите се поканети да бидат присутни и пред ОВР Демир Хисар во 09:30 часот, а потоа и во СОУ „Крсте Петков Мисирков“, за да добијат целосни информации за, како што наведува, „предизборниот обид за разрешување на директорот од страна на градоначалникот на Општина Демир Хисар“ – стои во соопштението на адвокатот Стеваноски.

Back to top button
Close