Петмина новинари на Ал Џезира убиени во израелски напад врз Газа

Двајца дописници и тројца оператори на Ал Џезирабеа убиени синоќа во израелски напад врз градот Газа, објави Ал Џезира.

. EPA-EFE/MOHAMMED SABER

„Новинарот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, беше убиен во она што се чини дека е целен израелски напад“, изјави директорот на болницата Ал-Шифа во градот Газа.

Ел-Шариф (28) и неговите колеги беа убиени откако беше погоден шатор за новинари пред главната порта на болницата.

Меѓу убиените се и дописникот Мухамед Креикех, како и снимателите Ибрахим Захер, Мухамед Нуфал и Моамен Алива. Вкупниот број на загинати во нападот е седум лица, соопшти „Ал Џезира“.

Само неколку часа пред смртта, 28-годишниот ал-Шариф на платформата X предупреди дека Израел врши интензивно и насочено бомбардирање, т.н. „појаси од оган“, кон источните и јужните делови на Газа. Во неговото последно објавено видео се слушаат силни детонации, а небото е осветлено од огнени блесоци.

Во порака напишана на 6 април, во случај да загине, ал-Шариф запишал: „Ја живеам болката во сите нејзини детали“ и „повторно и повторно ја вкусувам тагата и загубата“. Тој додал: „И покрај тоа, никогаш не се двоумев да ја пренесам вистината како што е, без извртување или искривување, надевајќи се дека Бог ќе биде сведок на оние кои молчеа, кои го прифатија нашето убиство и кои го задушија нашиот здив“. Во истата порака изразил жалење што ја оставил сопругата Бајан и нема да го гледа растењето на својот син Салах и ќерката Шам.

„Ал Џезира“ го нарече нападот „уште еден очигледен и однапред планиран напад врз слободата на медиумите“ и „обид да се замолчат гласовите кои ја разоткриваат претстојната окупација на Газа“. Телевизијата ја повика меѓународната заедница и надлежните организации да преземат „решителни мерки за запирање на ова тековно геноцидно дејствување и на намерното таргетирање на новинарите“.

Новинарот Хани Махмуд, кој се наоѓал само еден блок од местото на ударот, изјави дека ова било „најтешкото известување во изминатите 22 месеци војна“ и дека колегите биле убиени „поради нивното упорно известување за гладта, неухранетоста и страдањата на Палестинците“.

Израелската војска го обвини ал-Шариф дека раководел ќелија на Хамас и организирал ракетни напади врз израелски цели, тврдејќи дека поседува „недвосмислени докази“ за неговата поврзаност со групата.

Мухамед Шехада од организацијата Euro-Med Human Rights Monitor, пак, изјави дека нема докази за такво учество и дека неговата работа се состоела исклучиво од репортажи „од утро до вечер“.

Минатиот месец, по видео-изјавата на портпаролот на израелската армија Авихај Адраеи со обвинувања кон ал-Шариф, специјалната известувачка на ОН за слобода на изразување Ирена Кан изрази „длабока загриженост“ поради постојаните закани и обвинувања, предупредувајќи дека се зголемува бројот на докази дека новинарите во Газа се ликвидирани врз основа на непоткрепени тврдења.

„Ал Џезира“ обвини дека израелските власти фабрикуваат докази за да ги поврзат нивните репортери со Хамас и ја осуди „кампањата на поттикнување“ против нивните новинари.

Комитетот за заштита на новинари (CPJ) исто така, минатиот месец, предупреди на „кампањата на оцрнување“ што, според нив, ја спроведува израелската армија, изразувајќи „длабока загриженост“ за безбедноста на ал-Шариф.

Од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година, израелските сили, според новинарските организации, убиле повеќе од 200 новинари и медиумски работници во Газа, меѓу кои и неколкумина од „Ал Џезира“ и нивни членови на семејствата.

Back to top button
Close