На 89 години почина Габи Новак, првата дама на хрватската поп музика

Познатата и ценета хрватска пејачка Габи Новак почина на 89-годишна возраст.

Габи Новак е родена на 8 јули 1936 година во Берлин, ќерка на Ѓуро Новак од Хвар и Елизабет Рајман од Германија. Детството го поминала во Берлин, Германија, потоа на Хвар, по што се преселила во Загреб. Таму дипломирала на Факултетот за применети уметности, отсек графика, и кратко работела како илустратор во Загреб Филм, во Студиото за цртани филмови.

 

Препознатлив глас

Почнала да настапува кон крајот на 1950-тите, а нејзиниот препознатлив глас набрзо ја направил една од најомилените пејачки на југословенската музичка сцена од тоа време. Нејзиниот репертоар вклучувал поп и џез, а веќе во текот на 1960-тите години стекнала голема популарност и критички признанија.

За време на нејзината богата кариера, таа снимила голем број албуми и синглови и соработувала со врвни композитори и музичари. Нејзините уметнички достигнувања се потврдени со бројни награди, вклучувајќи неколку награди Порин – во 2002 година за најдобра џез изведба, во 2003 година за албум на годината, најдобар женски вокал, најдобар поп албум и најдобра вокална соработка, а во 2006 година го доби и Порин за животно дело.

Во брак со Стипица Калоѓера, а потоа и со Арсен Дедиќ

Прво беше во брак со композиторот Стипица Калоѓера, а по нивниот развод во 1970 година, на 30 март 1973 година се омажи за кантавторот Арсен Дедиќ, кој беше нејзин сопруг и уметнички соработник до неговата смрт во 2015 година. Во бракот се роди син, Матија Дедиќ, истакнат џез пијанист, кој почина неочекувано во јуни, на 52 години.

Габи Новак често е нарекувана прва дама на хрватската поп музика, а нејзината интерпретација, емоционален израз и уметнички стандард оставија траен белег врз музичкото наследство на Хрватска и поширокиот регион.

Последната песна

Својата последна песна, насловена како „Почетак“, Габи ја сними со својот син Матија и Данијела Мартиновиќ.

Иако песната беше објавена во декември, таа беше напишана многу порано. „Забележав дека Данијела се менува и дека достигна фаза во својот живот каде што размислуваше поинаку за музиката, за песните што ќе ги сними. Песната ја снимивме пред година и пол и чекавме вистинско време да ја објавиме бидејќи никогаш не е предоцна да се има убава песна“, рече Габи тогаш за песната.

 

 

Back to top button
Close