Табуа и тотеми
Што е табу? Википедија, меѓу другото, вели: „Во некои заедници, табу ги претставува обичајните норми што по ниту една цена не смеат да се прекршат.“ Вештачката интелигенција, пак, вака ми го објаснува табуто во современото општество: Поимот „табу“ во современи услови може да се дефинира како социјално или културно ограничување што забранува или стигматизира одредени теми, однесувања или практики, иако тие не се нужно незаконски или морално погрешни според универзални стандарди.
Тоа е еден вид невидлив кодекс што го регулира она што е „прифатливо“ во даден контекст – и често функционира како огледало на колективните стравови, вредности и идентитети.
Но, ниту Википедија, ниту копилотот на Мајкрософт не кажуваат каква казна следи ако се прекрши табуто. Иако може да се претпостави дека прекршителот го чека еден прилично дебел колективен стап. Она што е побитно е дека ниту еден од овие дигитални умови и неисцрпни извори на знаење, од некои причини, не го кажуваат она што е видливо со голо око: во заедници во кои не смеат да се кршат табуата, сите други норми можат да се кршат колку што душа ти сака.
Реторичкото прашање е дали Македонија влегува во оние заедници, каде што „табуата по ниту една цена не смеат да се прекршат“?
Со табуата неминовно се врзани и тотемите, тие божества чие допирање значи најстрашен вид богохулење.
Еве ја повторно вештачката интелигенција: „Во денешен контекст, тотемот може да се дефинира како симболичен објект, фигура или идеја што претставува идентитет, припадност, вредност или духовна ориентација за поединец или група. Тој не мора да биде животно или физички предмет – може да биде бренд, личност, уметничко дело, дури и концепт.“
И, меѓу другото, додава: „Тотемот често функционира како визуелен или концептуален репрезент на личен или колективен идентитет.“
За една полемика
Целата оваа дидактичка ламентација за табуата и тотемите е предизвикана од една, според мене, мошне важна полемика што деновиве се води по медиумите, порталите и социјалните мрежи. Читателот е веројатно во тек, но накусо: полемиката, можеби и без да сака, ја почнува Венко Андоновски со отвореното писмо во кое предупредува за наводната загрозеност на спомен-куќата и оставнината на Петре М. Андреевски во Слоештица.
По официјалните демантирања од Општина Демир Хисар, во полемиката се појавува мојот колега Бранко Тричковски, разбранувајќи ја македонската културна и интелектуална јавност со неговиот обид за критичко преиспитување на уметничките квалитети на Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски и Горан Стефановски.
Што предизвика толкав гнев кај нашите мислечки луѓе? Тричковски, во својата објава, всушност, ја проблематизира главната тематска определба на овие автори – Македонија. Тој, меѓу другото, вели:
„Никогаш нема да откриеме какви биле вистинските потенцијали на Петрета, но затоа знаеме дека делата што ги пријави во конкретните услови, се пристојно и поздравително државотворни и повеќе од скромни во уметничка смисла.
Како и на Гане, Анте и на другите великани на ударните бригади на македонското писателство. Македонија го има ограничено, па дури и уништено талентот на овие луѓе, кои по фестивали, кафеани и безвезни здруженија се потрошија себеси во величањето на Македонија, особено на нејзините страдања. На страдањата како нејзина суштина.“
Заедничкиот именител од бројните реакции на констатациите на Тричковски од типот дека Петре М. Андреевски е на нивото на „средношколски поет“ или дека дури и Горан Стефановски, кој е „малку над“, сепак не успеал да избега од „македонската приземјеност“, се сведува на две констатации: „македономрзец“ и „кој си па ти?.“ И, се разбира, на куп лични дисквалификации и навреди.
…
Колумната на Ѕвездан Георгиевски во целост прочитајте ја тука