Косовска фирма ќе го прави тетовскиот ГУП со пари од домашни фирми

 

Во екот на годишните одмори и наспроти Илинден, Општина Тетово организирала јавна презентација на процесот за изработка на нов Генерален урбанистички план на градот, објави граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“. Оттаму велат дека општината за презентацијата известила само два дена претходно и не го послушала повикот на иницијативата таа да се одложи, пишува Слободен печат.

Игнорирањето на граѓаните и нивниот увид во општинските планови за уредување на нивниот животен простор продолжува и по презентацијата, со целосното отсуство на официјални информации за најважниот урбанистички документ за Тетово. Од „Тетово сака парк“ велат дека на јавната презентација било соопштено дека ГУП-от за Тетово ќе го изработува фирма од Косово, како и дека за тоа ќе платат приватни фирми, кои практично ќе ѝ го донираат на општината Генералниот урбанистички план.

Од граѓанската иницијатива велат и дека службениците во општината кои се одговорни за процесот на изработка на ГУП се контроверзни по своите досегашни постапки и изјави.

„Од нашите претставници присутни на настанот дознаваме дека ГУП-от ќе го изработува фирма од Косово. На средбата била споделена ваква информација, како и тоа дека изработката ќе биде финансирана од приватни фирми. Одговорни за спроведување на процесот од страна на Општина Тетово се претседателката на комисијата за урбанизам Ревиде Рамани-Мурсели и раководителот на секторот за урбанизам Рилинд Селмани. Рамани-Мурсели е позната по скандалот во кој со злоупотреба на својата службена положба му дозволила на сопругот да изгради и легализира викендичка на Попова Шапка на туѓо земјиште. Селмани е познат по изјавата дека не е спорно тоа што никнуваат згради и со по четири дивоизградени катови и не е спорно што тоа е кривично дело за кое се лежи затвор – важно е што Општината отпосле ќе го сменела ДУП-от и дополнително ќе им издала соодветно одобрение на таквите дивоградби. Потсетуваме дека плановите се подзаконски акти кои немаат и не можат да имаат ретроактивно дејство“, велат од „Тетово сака парк“.

Граѓанската иницијатива упатува повеќе прашања до градските власти во Тетово.

„Прашуваме зошто се незаменливи непознатата фирма од Косово, Ревиде Рамани-Мурсели и Рилинд Селмани? Како е избрана косовската фирма и зошто не е објавен склучениот договор? Колку за тоа и кому сѐ ќе биде платено? Кои форми донираат изработка на ГУП и кој е нивниот интерес? Зошто ГУП не го изработува државната Агенција за планирање на просторот, имајќи предвид дека тоа беше неколку години во нејзината работна програма? Потсетуваме и на јавното соопштение на Општина Тетово од 31 јули, во кое Општината тврди дека фирмата на која за смешни пари градоначалникот Касами го продаде јавниот паркинг кај Градскиот пазар, донирала 200.000 евра за изработката на ГУП. Правдајќи го продавањето, признаваат корупција!“, додаваат од граѓанската иницијатива.

 

Back to top button
Close