Калас: ЕУ го подготвува 19-от пакет санкции против Русија
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска изјави дека ЕУ ќе работи на 19-тиот пакет санкции против Русија и повика да не се прават повеќе отстапки кон Москва, јавија британските медиуми.
Во објава на платформата Х Калас информираше дека шефовите на дипломатиите на Европската Унија денеска изразија поддршка за чекорите на САД што ќе доведат до праведен мир во Украина.
„Со оглед на тоа што во оваа фаза Русија не се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот, не треба ни да разговараме за никакви отстапки“, наведе Калас во соопштението.
„Следот на чекорите е многу важен. Прво – безусловен прекин на огнот со засилен систем за следење и цврсти безбедносни гаранции“, нагласи таа, посочувајќи дека ЕУ ќе работи на 19-тиот пакет санкции.
На 18 јули 27- те земји-членки на Европската Унија постигнаа договор за осумнаесеттиот пакет санкции против Русија поради нејзината војна во Украина, откако пакетот беше блокиран со недели од Словачка.