НЕЗАВИСНИТЕ – СТРАВ ЗА ВМРО-ДПМНЕ, А НЕ ЗА СДСМ

Формирањето на партијата „Независни заедно“ ја отвора најголемата грижа токму кај Мицкоски

По укинувањето на спорните одредби од Изборниот законик, најгласните независни иницијативи, наместо да настапат како одделни листи, решија да се обединат и да се регистрираат како политичка партија. Иако го правдаат чекорот со недоверба кон институциите и потреба од правна сигурност, овој потег најмногу ја вознемири владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи токму таму постои најголем ризик од разлевање на гласовите.

Од кого навистина ќе црпат поддршка?

Поддршката за новата политичка партија, според изборните анализи, најчесто доаѓа од гласачи кои бараат алтернатива на моменталната власт, од разочарани десноориентирани граѓани и од оние кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ но се незадоволни од начинот на кој партијата владее.

Независните платформи како „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ имаат базен на поддржувачи во урбаните средини, каде ВМРО-ДПМНЕ традиционално има потесен маневарски простор. Таму, независните иницијативи претставуваат директна конкуренција за нивните гласови, особено меѓу образованиот, млад и проевропски ориентиран електорат.

Пресметките на Мицкоски

Иако во јавноста се пласира наратив дека независните ќе земат гласови од СДСМ, реалноста е поинаква: ВМРО-ДПМНЕ владее со рекордна недоверба меѓу сопствените гласачи, а незадоволството од непотизмот, партизацијата и нереализираните ветувања расте. Независните кандидати, особено оние со силен локален имиџ, директно навлегуваат во тој сегмент и го кројат истиот електорален колач на кој Мицкоски смета за победа на локалните избори.

За СДСМ, пак, појавата на независни листи претставува природен дел од плурализмот, бидејќи партијата традиционално има коалициски пристап и ја цени соработката со граѓански иницијативи. Но, за ВМРО-ДПМНЕ секој изгубен глас на десницата е директен минус во трката за градоначалничките позиции.

Историјата на изборите во Македонија покажува дека појавата на повеќе кандидати секогаш ја намалува предноста на ВМРО-ДПМНЕ и може на овие избори да го доведе во прашање исходот во првиот круг каде Мицкокси се надева дека може да победи во повеќе општини.

Дополнително, дел од поддржувачите на власта се луѓе кои не сакаат формално да гласаат за партија обвинета за корупција и непотизам, но би гласале за „независна“ опција која нуди локални решенија. Тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ најголемиот губитник од новиот политички фактор.

Back to top button
Close