Нè чека многу, многу грд мир во Украина
Денко Малески
Нема да има Трета светска војна, би требало да биде добрата вест. Не чека многу грд мир во Украина, лошата. Доналд Трамп, човекот чии политики и поведение ми се одбојни, може да го спаси светот од нуклеарна катастрофа. И да ја добие толку посакуваната Нобелова награда за мир, се разбира. Прекинувајќи го долгогодишниот молк помеѓу еден американски и еден руски претседател, Трамп сака да ја замени политиката на војна со онаа на мир преку дипломатијата. Во петок тој ќе се состане со Путин во Анкориџ, на Аљаска. Патем кажанпо, Аљска беше територија на царска русија која, во девтнаесеттиот век, ја купи Америка за тогашни 7,000,000 долари.
Фрижидерот на Сјуард, пакосно коментирале критичарите, исмејувајќи ја зделката на државниот секретар Сјуард. На зделките со териториите на Украина кои денес се неизбежни за да се изоди тешкиот пат до некаков многу грд мир меѓу Русија и Украина, никој не се смее. Но Зеленски сега жнее она што садел на почетокот од мандатот. Станувајќи претседател врз платформата за мир со Русија, некогашниот актер Зеленски бргу подлегна на украинскиот национализам со напад врз рускиот јазик на населението во Донбас. На отпорот, следеше употреба на сила од страна на Киев и граѓанска војна која вешто беше криена од светското јавно мислење, со цел да поттикне антируско расположение. Москва, се разбира не седеше со скрстени раце и ја поддржа борбата за човекови права на Русите во Донбас. Сеуште почитувајќи го „светото“ начело за неповредливост на границите во Европа, Путин, со договорите „Минск еден“ и „Минск два“се определи за автономија на Донбас. Гарантори на тој мир беа Германија, Франција и Велика Британија.
Договорите не решија ништо затоа што, како што ќе изјави германската канцеларка Ангела Меркел, тие беа потпишани само за да и дадат време на Украина да се вооружа за војната што ја чекаше со џинот на своите граници. Кој ѓавол ве тераше да се задевата со посилниот од вас, ќе го праша Трамп Зеленски неодамна. Но, очигледно, уште тогаш, западните сојузници биле свесни дека ова е конфронтација меѓу Америка и Русија, со цел да се ослабне ривалската голема сила и да се предизвика пад на автократскиот режим на Путин. Тоа е целосно во согласност со трагедијата на големите сили, историски секогаш да завршуваат во борбата за моќ и доминација, во анархичната структура на меѓународната политика. Поинаку кажано, идеологијата настрана, кога Русија би се нашла во ситуација каква што се најде Америка, би сторила се да ја ослабне американската моќ. Диригирана од Вашингтон, револуцијата од Мајдан со која беше соборен украинскиот претседател Јануковиќ, кој се залагаше за неутрална Украина и членство во ЕУ низ процес на соработка со Москва, доведе до натамошна радикализација на украинската политика визави Русија. Одговорот на Москва во 2022 беше инвазија на „руските територии“ во Украина, со закана дека Русија е спремна да поведе нуклеарна војна со Западот против она што го смета за „егзистенционална опасност“ по државата и секако по режимот. Никој порана не се беше заканил со нуклеарна војна, чин кој се смееташе за лудост. Но тоа се случи а одговорот на администрацијата на Бајден беше „ај баш да видиме“ и продолжи со дотур на конвенционално оружје и финансиска помош за Зеленски. Очекувањата дека оружјето, финансиската поддршка и дотогаш невидените санкции ќе ја скршат Русија не се остварија. Повторниот обид за мировен договор во Истанбул поддржан од Путин, некој месец по инвазијата, е миниран од британскиот премиер Борис Џонсон,познат како „Боџо“, па храбрите Украинци продолжуваат масовно да гинат . Наспроти сета помош од Западот, Русите се на чекор до остварување на со окупацијата на четрите украински области и Крим и на тотална победа. Всушност, во науката за меѓународната политика, доминира мислењето дека никакви преговори не можат да го решат овој конфликт, туку дека решениетое во тотална капитулација на украинската армија на теренот.
„Nice try but we lost“ би рекле некои Американци. Со милион жртви, разурната држава на која сега и се откинати 20 проценти од територијатан Трамп и Путин во петок седнуваат на преговарачка маса во потрага по мир. Трамп мора да е свесен дека Русија нема по никоја цена да отстапи од своите три барања: признавање на окупираните територии за дел од Русија, неутралност на Украина (нема НАТО членство) и разоружување на земјата. Американците мора да се подеднакво свесни дека еикој во Украина е спремен да потпише ваков договор, понајмалку Зеленски. Имено, ако стави потпис, планетата Земја ќе биде премала да се скрие од гневот на украинските националисти, главните домашни виновници за трагедијата што ја задеси земјата и народот. Како тогаш до мир? Свесни за ова, Американците, читам, веќе однапред ја сведуваат улогата на Трамп на самитот во Анкориџ на „внимателен слушач“.
Едно е сигурно: Трамп не сака нуклеарна војна со Русија и одлучен е по секоја цена тоа да не се случи. Затоа, на крајот од трагичната приказна, цената ќе ја плати Украина со еден многу, многу, грд мир. Мир кој ќе ја отруе атмосферата во Европа и во светот во наредните децении.