Шумата за две хидроцентрали на Дошница се сечела без дозвола утврдил инспекторатот
Без дозвола се сече шумата за изградба на хидроцентралите на реката Дошница која извира од планината Кожуф, покажал вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на двете мали хидроелектрани на реката, при што се утврдени неправилности кои произлегуваат од несовпаѓање со одобрениот елаборат за животна средина.

Сечата која се врши врз шумата во околината на двете централи во изградба, била без дозвола или согласност од Министерството за животна средина (МЖСПП). Од увидот во дозволите, во ниту една точка не било наведено дека е одобрено сечење на дрвна маса од коритото и брегот на реката Дошница.
„Да се достави дозвола или согласност-мислење од МЖСПП за сечењето на дрвната маса кое се планира да се изврши од коритото и брегот на реката Дошница при изведбата на проектот изградба на мала хидроелектрана Баров Дол и Папрад. Се дава забрана за вршење сеча на дрвна маса од КП 793 КО Радња –Кавадарци сѐ до добивање на дозвола или согласност-мислење од МЖСПП“, пишува во решението од вонредениот инспекциски надзор.
Втората забелешка, која надлежниот државен инспектор за животна средина ја карактеризира како „техничка“, е дека од хидроелектраната Баров Дол зафатената вода ќе се води од таложницата до машинската зграда, по левиот брег од реката Дошница. Од увидот во градежната дозвола и проектот за инфраструктура, водењето на водата на овој дел било по десниот брег на Дошница.
Еко-активистите од неколку граѓански иницијативи од целата земја 45 дена протестираат за спас на реката Дошница, да се сопре изградбата на двете хидроцентрали. Вчера објавија дека дел од градежната механизација била повлечена од терен.
„Сега гледаме право во очи на ЈЕС ДООЕЛ – Хидро Дошница: Повлечете се, или народот ќе ве повлече! Властите – ако имате грам чест и достоинство, веднаш поништете ја оваа срамна дозвола! Државата не е приватна играчка, реките не се стока, а народот не е робје. Ние не се тргнуваме, ниту отстапуваме. Ќе стоиме до крај, со глас, со тело и со срце! Ова е нашата земја, ова е нашата вода, ова е нашата победа што доаѓа!“, соопшти граѓанската иницијатива.