„Независни за Карпош“ на локалните избори ќе излезат со граѓанска листа, се повлекуваат од заедничко формирање политичка партија
Според нив, приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори и велат дека сè додека постојат други можности со кои ќе ги задржат независноста и принципите на граѓанското работење, ќе ги искористат тие опции
Граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ објави дека на претстојните локални избори ќе настапи со граѓанска листа и оти се повлекува од заедничко формирање политичка партија со другите независни иницијативи.
Во објава на нивната фејсбук-страница се вели дека на независните иницијативи што продолжуваат со процесот на заедничко формирање политичка партија Независни заедно и на сите новоформирани партии и независни листи им посакуваат искрен успех.
Оттаму додаваат дека остануваат отворени за соработка со нив и со сите останати граѓански иницијативи и чинители со кои делат теми од заеднички интерес и каузи.
„Остануваме на принципот дека самостојното делување ни овозможува да се прилагодуваме на секојдневните барања и приоритети на граѓаните во нашата општина. Таа флексибилност, која ја сметаме за клучна за нашата ефикасност, е многу потешко остварлива во рамки на поголема група или партија, каде процесот на одлучување е подолг и често ќе бара компромиси на сметка на локалните потреби“се вели во објавата на „Независни за Карпош“.
Според нив, приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори и велат дека сè додека постојат други можности со кои ќе ги задржат независноста и принципите на граѓанското работење, ќе ги искористат тие опции.
„Конфузијата и неизвесноста за независните иницијативи создадени од партиите нема да нè одвратат од нашата визија и посветеност да понудиме решенија за квалитетен живот на граѓаните на општина Карпош“ додаваат од иницијативата.
Инаку, „Независни за Карпош“ заедно со „Шанса за Центар“ и „Зелените од Гази Баба“ почнаа со собирање граѓански потписи за формирање политичка партија Независни заедно, поради стравување дека ќе им биде оневозможено на независните листи да учествуваат на претстојните локални избори.