Од денеска до 15 септември училишниот прибор ќе се продава по намалени цени
Како што наведува владината прес-служба, одлуката е донесена поради тоа што дел од трговците пред почетокот на новата учебна година енормно ги зголемуваат цените на училишниот прибор, со што директно влијаат на зголемување на трошоците на семејниот буџет на илјадници граѓани
Од денеска до 15 септември училишниот прибор ќе се продава по намалени цени за 10 и 15 проценти, информираат од владината прес-служба. Владата на последната седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените и таа ќе важи од 15 август до 15 септември.
Како што наведува владината прес-служба, одлуката е донесена поради тоа што дел од трговците пред почетокот на новата учебна година енормно ги зголемуваат цените на училишниот прибор, со што директно влијаат на зголемување на трошоците на семејниот буџет на илјадници граѓани.
„Трговците на големо ќе го намалат училишниот материјал за најмалку 10 проценти, додека во трговија на мало за најмалку 15 проценти. Со оваа одлука се намалуваат цените на ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни бои, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка, како и други производи потребни за учениците, што ќе значи пониски цени и пристапност за сите наши граѓани“соопштија од Владата.
Исто така, трговците се должни покрај новата намалена цена на производите, да ја објават и старата цена која важела на 1 јуни 2025.
„Таа цена се зема како базична врз основа на која се утврдува намалувањето. Потоа, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис ‘Помалку трошоци, повеќе за тебе’, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%. Апелираме да не се прават обиди за изигрување на одлуката, бидејќи Државната пазарна инспекција ќе следи на терен дали таа се почитува. Во спротивно, ќе следуваат санкции, бидејќи секоја одлука донесена во интерес на граѓаните мора да се применува“се наведува во владиното соопштение.