Четири смртни случаи од легионерска болест во Њујорк, изворот на бактеријата под контрола

Четири лица починаа, а 17 се хоспитализирани во Њујорк поради легионерска болест, соопштија денеска здравствените власти.

Од крајот на јули, кога започна епидемијата во централниот дел на Харлем, десетици луѓе се разболеле од оваа болест, пренесува Еј-Би-Си њуз (ABC News).

Здравствените власти соопштија дека бактеријата legionella, која ја предизвикува легионерска болест, е откриена во 12 системи за ладење на вода за климатизација во 10 згради, од кои некои се под управување на градските власти, вклучувајќи една болница и клиника за репродуктивно здравје. Сите системи, освен еден, се исчистени, а санацијата на последниот се очекува да заврши денеска, според Еј-Би-Си њуз.

Легионерската болест е тешка форма на пневмонија предизвикана од бактеријата legionella, која се развива во топла вода и се шири преку системите за климатизација во зградите. Комесарката за здравство на градот Њујорк, Мишел Морс, изјави дека бројот на нови случаи на заболени во централниот дел на Харлем почнал да опаѓа, што укажува дека изворот на бактеријата е под контрола.

Back to top button
Close