Ивановска: по 11 часа од објавата на кандидатурата – полицајци на врата, Покана од ОЈО за разговор на 19 август
По објавата на својата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, кандидатката Билјана Ивановска соопшти дека по 11 часа на вратата на нејзиниот дом дошле двајца полицајци за да ѝ врачат кривична пријава. Според нејзиното излагање, настанот се случил синоќа околу 20:30 часот, но таа во тој момент не била дома.
„Утринава веднаш отидов да ја подигнам Поканата од Основното јавно обвинителство – Скопје за да видам за што станува збор. Повикана сум на разговор на 19 август,“ наведе таа.
Кандидатката истакнува дека нема што да крие, дека има „чиста совест“ и оти не се плаши од „закани, ниски удари и притисоци“. Во пораката до јавноста таа ја нагласува целта на својата кампања: „достоинствен живот во Центар“ и отпор, како што вели, кон „воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам“ заедно со платформата „Независни заедно“.
„Со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство, затоа што институциите треба да служат на јавниот интерес, а не на центрите на моќ чиј интерес е профитот,“ порача таа.
Во однос на постапката, кандидатката најави дека навремено ќе ја информира јавноста за текот на случајот и додаде дека „адреса за информирање е и Обвинителството, како надлежна институција“.
Од надлежните органи засега нема официјално соопштение за содржината на поканата и предметот на интерес на Обвинителството. Ако следуваат реакции од МВР или ОЈО, ќе бидат дополнително објавени.