„Ужасно, нож во грб“ – Украина во шок по сигналите дека Трамп ги прифаќа условите на Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој пред само неколку дена му најави на Володимир Зеленски дека ќе изврши притисок врз Владимир Путин заради војната, по самитот на Алјаска со рускиот лидер изненадувачки ја смени реториката и се доближи до позициите на Кремљ.

Трамп: Сакам директен мировен договор

На својата мрежа Truth Social, Трамп порача дека сака „директно да се оди кон мировен договор, а не само кон примирје кое често се покажува како неодржливо“. Тој најави и дека нема намера да воведува нови санкции кон Русија – остар пресврт во однос на досегашната американска политика.

Путинови услови: повлекување од Донецк и Луганск

Според извори на Financial Times, Путин од Трамп побарал Украина целосно да се повлече од Донецк и Луганск, како предуслов за крај на војната. Во замена, Москва наводно би ја замрзнала линијата на фронтот на останатите делови од боиштата.

Украински функционери реагираа жестоко.

„Ова е нож во грб“, изјавил висок државен претставник за FT.

Претседателот на собранискиот комитет за надворешна политика, Олександр Мережко, изјавил: „Ужасно.“

„Трамп практично се усогласи со Путин, а сега двајцата можат да почнат да ја принудуваат Украина на мировен договор кој во суштина значи капитулација,“ предупреди тој.

Украина: нема предавање на источните територии

Официјален Киев соопшти дека Зеленски нема да прифати откажување од Донецк и Луганск, иако е подготвен за преговори за територијалните прашања во Вашингтон и на евентуален трилатерален состанок со Трамп и Путин.

Пратеничката и поранешна вицепремиерка Ивана Климпуш-Цинцадзе праша:

„Како ќе го спречи тоа Путин да се прегрупира и повторно да нападне?“

Граѓанската активистка Олга Ајвазовска предупреди дека предавањето на територии кои Русија никогаш реално не ги зазела би предизвикало огромна напнатост: „Тогаш ќе се отвори прашањето – зошто воопшто се браневме сите овие години?“

„Голема победа за Путин“

Според аналитичарот Александар Хара од Центарот за одбранбени стратегии во Киев, самитот бил „голема грешка и голема победа за Путин“. Тој предупредува дека ако преговорите пропаднат, Трамп би можел да ја префрли вината врз Зеленски.

„Русија уште од 2014 смета дека секоја украинска влада е нелегитимна и верува дека целите може да ги постигне со воена сила,“ додаде тој.

На боиштето: крвава реалност

И додека дипломатијата бара решение, на теренот продолжува жестоката војна. Русија изминатиот викенд се пробила 10 километри кај рударскиот град Добропиље, но украинската армија ги запрела со елитни единици – како Азов и 79. воздушно-десантна бригада.

Зеленски изјави дека има „успеси на некои од најтешките делови од Донецкиот регион“, но предупреди дека Москва ќе продолжи со офанзиви за да обезбеди подобри позиции пред преговорите.

Во близина на Покровск, украински командант на единица за дронови напиша на Телеграм:

„Преговорите се преговори, но борбите продолжуваат. Ако не победиме на бојното поле – никаков договор нема да не спаси.“

Во Киев, подготовките за самитот се одвиваа во необична тишина: неколку дена немаше напади со дронови-камикази врз главниот град, но денес повторно се огласија сирените за воздушна опасност.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close