ЛЕВИЦА: Полицијата на Тошковски и ДПМНЕ ја гуши тагата наместо да носи правда

Пет месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога животот го загубија 62 млади луѓе, полицијата под команда на Тошковски и поддржана од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, беше обвинета за обид да спречи граѓани од други градови да влезат во Кочани и да дадат поддршка на семејствата кои секоја сабота маршираат барајќи правда.
Во објавата на политичката партија ЛЕВИЦА, стои:
Вчера, точно пет месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога згаснаа 62 млади животи, полицијата под команда на министерот Тошковски и ДПМНЕ, наместо да обезбеди поддршка за семејствата кои секоја сабота маршираат барајќи правда за своите деца, се обиде да СПРЕЧИ граѓани од други општини да влезат во Кочани и за да им дадат поддршка.
Овој скандал е СРАМ за секоја земја што сака да се нарече демократска. Да се забранува заедништво во тагата и уставно загарантираното право на мирен протест е врв на безобѕирноста и бездушноста.
Демантот на Министерството за внатрешни работи е класичен пример за манипулација и дрско извртување на вистината. Родителите на загинатите деца јавно сведочат дека поддржувачи биле попречени да влезат во Кочани, а тоа го потврдуваат и видеоснимки достапни за јавноста. Наместо соочување со реалноста и спроведување на барањата на родителите, МВР се служи со празни формулации, надевајќи се дека ќе ја прикрие одговорноста. Но фактите се јасни – полицијата, по налог на власта, се стави во улога на цензор кој дури и солидарноста ја прогласува за НЕПОЖЕЛНА!
Ова е доказ за апсолутната нечувствителност и нулта емпатија на РЕЖИМОТ на ДПМНЕ. Пет месеци по трагедијата, ниту една дивоградба не е урната, ниту една суштинска мерка за заштита на граѓаните, на младите не е преземена, ниту пак е понесена одговорност. Единственото нешто што власта го прави е контролирање на наративот и шиканирање на секој кој ќе изрази незадоволство и ќе побара правда.
АРОГАНТНОСТА и бруталноста на оваа власт, за жал, не нè зачудува. Потсетуваме дека премиерот Мицкоски отиде до таму што на родителите им побара цена за животите на нивните деца! Таквиот циничен однос само ја потврдува суштината на овој режим – власт која ја понижува болката, се обидува да ја избрише трагедијата од колективната меморија со цел никој од нивните редови да не сноси одговорност, а човечкиот живот го сведува на безвредна бројка.
Владата на ДПМНЕ, наместо да извлече лекција од трагедијата и да постави нови, нормални стандарди за совест, одговорност и безбедност, продолжува со истата сурова ароганција и добропознатото „како до сега“. Со своето однесување ја демотивира младата генерација, сѐ повеќе ги тера да ја напуштаат државата и го поткопува секој основ за доверба во институциите. Општеството тоне во апатија, страв и безнадежност, додека власта се обидува да го одржи статус квото и да ги задржи фотелјите.
Левица со целосен капацитет ќе продолжи да стои на страна на семејствата на загинатите деца и на нивната борба за вистинска и неселективна правда. Овој срам не смее да се заборави, а одговорност ќе мора да понесат сите, и политичка, институционална и морална.