Управителот на Лајконет Македонија си поднесе оставка – илјадници Македонци во неизвесност!
Неизвесноста околу иднината на „Лајконет Македонија“ дополнително се продлабочува. Според решение на Централниот регистар, Радован Витошевиќ на 1 август годинава поднел писмена оставка од функцијата управител на компанијата, а истата била официјално усвоена на 20 август 2025 година, дознава 4NEWS.
Со оваа промена, „Лајконет Македонија ДООЕЛ Скопје“ останува без управител, во момент кога матичната австриска компанија „МајВорлд Интернешeнел“ е во активна стечајна постапка и се соочува со сериозни финансиски проблеми.
Лајконет“ функционира како маркетинг агенција чиј единствен клиент е „МајВорлд“ и има ексклузивно право за рекламирање на над 400.000 компании ширум светот. Но, судбината на оваа мрежа во Македонија е неизвесна. Илјадници граѓани кои вложиле пари и членуваат во системот се во очекување на развојот на настаните.
Зоран Витанов, помал акционер во „МајВорлд“ и дел од „Лајконет Австрија“, во изјава потврди дека иако компанијата е во стечај, кешбек системот сè уште функционира. „Дали тоа ќе биде доволно за ликвидност, не знам“, изјави тој.
Финансиските извештаи покажуваат дека „МајВорлд Македонија“ во последните три години остварила добивка од 266.000 евра. Но, дел од македонските членови веќе најавуваат можни правни постапки за заштита на вложените средства.
Сопственик на „МајВорлд“ и „Лајконет Австрија“ е австрискиот бизнисмен Хуберт Фрајдл, чиј капитал се проценува на околу половина милијарда евра.