Глобалната иницијатива ИПЦ тврди дека глад се шири низ Газа
Гладта го погоди Појасот Газа и веројатно ќе се прошири во септември, соопшти денеска глобалната иницијатива на ИПЦ, во проценка што ќе го зголеми притисокот врз Израел да дозволи повеќе хуманитарна помош во палестинската енклава разорена од војна.

Во извештајот на Интегрираната класификација за безбедност на храната (ИПЦ) се вели дека 514.000 луѓе, речиси една четвртина од палестинското население во Газа, се гладни и дека тој број би можел да се зголеми на 641.000 до крајот на септември.
Околу 280.000 од погодените луѓе се во северниот регион што го вклучува градот Газа, додека останатите се во Деир ал-Балах и Кан Јунис, централни и јужни области за кои ИПЦ предвидува дека ќе бидат во состојба на глад до крајот на следниот месец.
За еден регион да биде класифициран како регион во состојба на глад, најмалку 20 проценти од населението мора да страда од екстремен недостиг на храна, при што едно од три деца е акутно неухрането, а две лица од секои 10.000 жители умираат од глад, неухранетост или болест секој ден.
Анализата на ИПЦ дојде откако Велика Британија, Канада, Австралија и многу европски земји предупредија дека хуманитарната криза достигнала „незамисливи нивоа“ по речиси две години војна меѓу Израел и Хамас, палестинските милитанти. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, долго време предупредува на „епска хуманитарна катастрофа“ во енклавата со повеќе од два милиони луѓе.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во јули изјави дека многу луѓе во Газа гладуваат, што го вовлече во конфликт со некои во Републиканската партија, кои силно го поддржуваа ставот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека нема широко распространет глад.
Ова е петти пат за 14 години ИПЦ – иницијатива во која учествуваат 21 хуманитарна организација, агенции на Обединетите нации и регионални организации, а финансирана од Европската унија, Германија, Обединетото Кралство и Канада – да идентификува глад.
ИПЦ претходно ја процени гладта во областите на Сомалија во 2011 година, Јужен Судан во 2017 и 2020 година и Судан во 2024 година.