БАБА РОГА

Ех, колку би сакал да бидам во близина на оние двајца светски архитекти што ги донесоа кандидатите за градоначалници на Чаир Бујар Османи и Изет Меџити, да им даваат идеи како урбанистички да ја средат општината. Што им кажуваат кога ги шетаат низ Чаир? Што покажуваат Изет Меџити кој бил градоначалник на Чаир во два мандата како кандидат на ДУИ, и Бујар Османи од ДУИ која владее со Чаир откако е формирана партијата?

Сигурно им викаат: го гледаш хаосов? Што да гледа светскиов архитект од Турција Бајрам Вардар? Има што да види. Муслиман, а му иде да се прекрсти кога ќе го прошетаат низ Пластичарска улица. Или на Џон Кенеди. Исто му иде и на прочуениот мексикански архитект Мишел Ројкинд. Тој се крсти со двете раце.

А Османи и Меџити возбудени им објаснуваат: Е ова сѐ што гледаш, сѐ ние сме направиле. И тие пред нас. И тие пред нив. И тие беа наши, од истата партија. Ги гледаш ова зградиве со мали прозорчиња како пушкарници? Е тоа сѐ ние сме легализирале. И ова земјиште што е државно, ама сме го дале на приватници да го изградат. И тоа ние сме го грабнале.

Туку, си велам, па убаво е што и Османи од ДУИ и Меџити од Коалицијата „Вреди“ донеле светски архитекти. Голем цивилизациски напредок е штом кандидатите за градоначалници на партиите на Албанците решиле да се занимаваат со урбанизам па тоа го ставаат во изборните програми. Оти, досега само броеја колку Албанци се вработени во државните институции и општинските јавни претпријатија и колку табли се двојазични.

Туку, кога би можел уште и Робер Бадентер да стане од мртвите. Кандидатите за градоначалници во општините со мнозинско албанско население постојано него го споменуваат. Оти без Бадентер, тие ни ѓубрето од улиците не смеат да го соберат.

А што се однесува до светските архитекти, завршена е таа приказна. Не само за Чаир. Синким, Чаир посебна држава ќе го правиме. Цело Скопје е урбанистички уништено. Одамна замина возот од урнисаната станица на Кензо Танге. Штета. Човекот добил задача да направи урбанистички план за обнова на Скопје  по катастрофалниот земјотрес 1963. А во Јапонија во 1950-тите работел на обнова на Хирошима по нуклеарната бомба. Таман би бил за кај нас, оти Скопје во 2025 личи како да поминало низ нуклеарна апокалипса, ама природата на некои места се бори да го обнови пејсажот.

Уште и Кензо Танге да стане од мртвите и да му се придружи на Бадентер. Барем заедно да го исчистат градот.

Е толку ни паднаа критериумите. Да сме среќни ако во главниот град секој ден ни го собираат ѓубрето од контејнерите. Толку ни се очекувањата од партииве што повеќе од 30 години нѐ плашат со бабароги.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

 

Back to top button
Close