Филипче: Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност“

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во објава на социјалните мрежи предупреди дека граѓаните пред еден од најтешките месеци во годината се соочуваат со сериозна економска криза.

„Сè е поскапено, а платите стагнираат. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски свесно ги туркаат граѓаните во сиромаштија. Ја прекинаа спиралата на раст на платите што ја започна СДСМ. Инфлацијата од 4,8% секој месец го јаде животниот стандард – граѓаните живеат полошо“, порача Филипче.

Тој посочи дека во јуни реалната плата пораснала за само 3,8 проценти, за разлика од лани кога растот бил 11 проценти. Дополнително, за првпат по долго време е забележан пад на просечната плата во однос на претходниот месец.

„Синдикалната потрошувачка кошничка за август изнесува над 65.000 денари. Дури и две минимални плати не се доволни за да се преживее месецот. Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност“, нагласи претседателот на СДСМ.

Филипче најави дека партијата ќе продолжи да се бори за повисоки приходи на граѓаните, предлагајќи покачување на платите во сите сектори, минимална плата од 500 евра и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.

„Битката за поголем приход е битка за достоинствен живот“, заврши Филипче.

Back to top button
Close