Кривична за градоначалникот на Делчево, во администрација вработил лице кое требало да оди во пензија

Основното јавно обвинителство поднела кривична пријава против актуелниот градоначалник на Делчево, Горан Трајковски, поради незаконско вработување на службеник во локалната администрација.
Како што стои во соопштението од МВР, Трајковски се сомничи дека го сторил делото за време на неговиот претходен мандат, односно во 2018 година
Постојат основи на сомнение дека ја злоупотребил својата службена положба со тоа што по објавен јавен оглас, во локалната администрација вработил лице кое со навршени 64 години ги исполнувало условите за пензионирање, а не за вработување како административен службеник.
„Пријавениот Г.Т. како овластено службено лице градоначалник на Општина Делчево на 01.08.2018 по јавен оглас од 25.06.2018 за вработување на административен службеник, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со пречекорување на границите на службената должност донел незаконска одлука за избор на кандидатот В.М. од Делчево, кој уште во првата фаза од постапката за вработување, како и во моментот на донесување на решението за стекнување на статус на административен службеник ги исполнувал законските услови да се стекне со право на пензиско и инвалидско осигурување со навршени 64 години старост, што претставува основа за престанок на работен однос на административен службеник, а не основа за вработување согласно член 98 став 1 алинеја 3, а во врска со член 98 став 5 алинеја 9 и 10 од Законот за административни службеници“ – се наведува во соопштението од МВР.
Со незаконското вработување градоначалникот ја оштетил Општина Делчево за 762.318 денари врз основа на исплатени придонеси и плати, а на лицето му овозможил да се стекне со противправна имотна корист од 505.561 денар од исплатени плати.