ВМРО-ДПМНЕ: Филипче прекини – додека народот преживуваше, тие купуваа јахти и си планираа луксузен живот со украденото
„Последниот човек кој може да зборува за економија е Венко Филипче. Под него, Заев, Артан, Бујар и Али, Македонија ја виде најголемата сиромаштија, најскапата струја, најскапото гориво и најголемите корупциски афери. Народот плаќаше со живот и празни џебови, а тие си полнеа сметки и договараа политики на јахти. Денес Филипче зборува за „достоинство“, а токму тој и неговиот ментор ја понижија државата и ја симнаа СДС од втора на четврта партија. Меѓу другото, би го прашале Филипче: кога толку глуми загриженост за државата, зошто не им каже на своите 6% поддржувачи колку чини еден ден возење на јахтата? Тука зборуваме за материјалната цена во евра, не за фактот кој одамна е познат, дека тоа возење е само симбол на неговата заложеност кон менторот и сопственикот на јахтата“ реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат „за да му ги скратиме маките, еве ја сметката:
Гориво: 1800 €
Екипаж: 500 €
Одржување: 250 €
Марина / сидрење: 200 €
Вкупно: околу 2750 € на ден.
Без да ги пресметаме и скапите ручеци и „ужинки“, какви што има двоецот што го води СДС. Со храна и пијалаци, сумата оди и до 6–7000 € дневно. За десетина дена тоа преку 70000 евра луксуз“.
„Пред да глуми дека се грижи за народот, Филипче нека објасни како е можно да се трошат толку пари на јахти и дали мирно спие кога сите во државата знаат дека токму тој хедонистички двоец е одговорен за сиромаштијата, галопирачката инфлација и разурнатата економија. Додека народот преживуваше, тие купуваа јахти и си планираа луксузен живот со украденото од народот богатство. Затоа, Филипче прекини“ се вели во пораката до лидерот на СДСМ од ВМРО-ДПМНЕ.