Левица: Стојкоски манипулира со сомнителни панаѓурски проекти наместо со вистински решенија
Суштинската разлика помеѓу саем и панаѓур е во тоа што саемот подразбира изложба на нови и иновативни решенија, додека на панаѓурот се нудат производи со сомнително потекло и рокови.
Токму како панаѓур изгледаше и таканаречениот „отчет“ на градоначалникот Александар Стојкоски – одржан пред партиска публика, на платото пред новата општинска зграда. Зграда која е (криминално, спорно) дело на неговите претходници, но според панаѓурската логика на Стојкоски – тој го „продава“ како свој производ само затоа што прв ја отворил вратата и ја претворил во партиско дувло на ДПМНЕ, обвинија од партијата.
Следејќи ја работата на Стојкоски низ целиот мандат, јасно се гледаат манипулации и подметнувања. Неколку примери за почеток:
Проектот за пренамена на старото училиште во Кучково во центар за рехабилитација на деца кои победиле канцер трае цел мандат и е дел од секој негов „отчет“. Левица иако ја поддржи идејата, уште на почеток предупреди дека реконструкцијата на објект стар еден век е економски неисплатлива и небезбедна, барајќи ново решение на истата локација за иста намена. Наместо тоа, Стојкоски избра пат кој ја чинеше општината повеќекратно зголемени дополнителни трошоци од планираното.
Пречистителна станица во с. Орман – Овој проект, финансиран со меѓународни средства, повторно беше сервирана атракција на „панаѓурот“. Но, објектот е вон употреба. Левица Ѓорче Петров постојано укажуваше на пропуститеи неколкукратното пробивање на роковите поставени од донаторите.
Пред присутните на т.н. „отчет“ актуелниот градоначалник се пофали со отпочнување на изградба на првата градинка во неговиот четиригодишен мандат, иако во предизборието вети четири нови! Панаѓурското “Навали народе на проекти” никако нема да го смени фактот дека токму Стојкоски ја менаџира листата на чекање за упис на децата во градинка. наведоа од Левица
Советничката група на Левица и понатаму инсистира на системско решавање на фундаменталните проблеми во општина Ѓорче Петров како што се: водоснабдувањето, изградба на нови градинки и училишта, подигнување на зелени површини, како и бескомпромисна борба против загадувачите на воздухот, реките и почвата, апелираа од партијата.
За разлика од агендата на Левица – Стојкоски и неговата пиар-свита се одлучија за козметички решенија и евтина пиар стратегија која се нудеше на политичките трговци присутни на панаѓурот на отчетот, завршија од Левица