Вработените на патарините ќе патуваат со автобусите на Ленин: ЈПДП ја избра понудата на „Слобода бус превоз“
Со автобусите на „Слобода бус превоз“ чиј сопственик е Ленин Јовановски ќе се превезуваат инкасантите на патарините во следните две години, откако Јавното претпријатие за државни патишта склучило договор за превоз на вработени на ЈПДП до пунктовите.
За оваа услуга ЈПДП ќе исплати 43,6 милиони евра, односно околу 715.000 евра.
Според техничките барања на ЈПДП, од новиот економски оператор се бараше да имал најмалку три реализирани договори со ваков вид на услуга, односно превоз на патници во последните три години, да поседува или да располага со најмалку две возила, (минибус или автобус) со минимум 21 седиште, возилата да не се постари од 5 години и истите да бидат на располагање за цело времетраење на договорот и да се опремени со клима уред.
ЈПДП бараше превоз на вработени на релација од Скопје кон патарините Петровец – Миладиновци–Преод и обратно, потоа од Скопје кон патарините Петровец – Сопот – Отовица и обратно.
Вработени ќе треба да се носат и од Велес кон патарината Градско и обратно. Од Гостивар се опфатени патарините Гостивар – Тетово – Желино –Глумово и обратно, а од Тетово кон патарините Тетово – Желино – Глумово и обратно. Од Куманово се опфатени патарините Романовце – Миладиновци – Петровец и обратно, а од Демир Капија ќе се носат вработени кон Миравци – Смоквица кон Гевгелија и обратно. Исто така, од Демир Капија кон патарина Демир Капија – Неготино – Градско и обратно, додека од Штип автобуси ќе носат вработени кон патарина Кадрифаково – Преод и обратно. (фокус)