(ВИДЕО) Филипче прашан чија е јахтата и дали Заев му дава насоки: Не сум ниту сопственик на зграда во Дубаи, немам авиокомпанија…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги отфрли обвинувањата дека поседува недвижнини и луксузни добра во странство, нарекувајќи ги „конструкции и лажни вести пласирани од ВМРО-ДПМНЕ“.
„Прво ме обвинуваа дека сум имал куќа во Нерези, па еден ваш колега снимаше – тоа не е вистина. Па дека имам поклон џип – исто така не е вистина. Па дека имам зграда во Дубаи и авиокомпанија – исто така не е вистина. Па дека имам јахта сега – што исто така не е вистина,“ изјави Филипче.
Тој оцени дека станува збор за систем на политички ПР кој ВМРО-ДПМНЕ го гради преку свои медиуми и кампањи на социјалните мрежи.
„Тоа не е само политички, туку општествен феномен – обид да се спушти комуникацијата под елементарно цивилизациско ниво, во калта. Јас тоа нема да го дозволам,“ рече Филипче, додавајќи дека иницијаторите на овие приказни се „кукавици, и политички и во секој друг поглед“.
„Обично мантрата е – ‘ти си лопов, криминалец’. Но тоа не ме обесхрабрува, туку ме охрабрува да продолжам да се борам за државата,“ порача тој.
На новинарско прашање околу јахтата за која беше прозван, Филипче кратко одговори: „Добро, ви одговорив на прашањето“.
Тој додаде и политичка порака кон опозицијата: „Додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, противниците на Македонија мирно спијат. Тоа нема да го дозволиме, ќе ја вратиме државата на вистинскиот пат“.
Филипче нагласи и дека поранешниот премиер Зоран Заев веќе не е активен во политиката. „Моите одлуки ги градиме заедно со раководството и тие се автентични одлуки на новото политичко раководство на СДСМ,“ истакна тој