Стојаноски: Се потврдија нашите тврдења – Филипче најави коалиција со ДУИ

СДСМ е изгубена во сопствените лаги и обидува со празни бројки и манипулации да ја прикрие вистината дека Македонија денес е држава на стабилни финансии, држава која по години пустош и корупција почна да се обновува и држава која ја враќа довербата во институциите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Во однос на економските прашања за кои претходно говореше лидерот на СДСМ, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција обвини дека токму Филипче бил дел од владата што ја донесе највисоката инфлација во историјата на државата, најскапата струја и гориво, сиромаштија и задолжување за генерации нанапред.

 

„Под нивните политики, народот преживуваше со рекордно поскапување на лебот и основните продукти. Денес тој зборува за „стандарди“, истиот кој ја претвори македонската здравствена заштита во пепел, со крвави тендери, со аферата „Модуларна болница“, со јахти, со шеми и со договори во четири очи. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, од јули 2024 до јуни 2025, номиналниот раст на просечната нето-плата е 10.1%, а реалниот раст е 6.5%. Во времето на СДСМ, од 2017 до мај 2024, номиналниот раст е 8.2%, а реалниот раст едвај 3.5%. Истовремено, просечната стапка на инфлација под СДС беше 4.7%, а под ВМРО-ДПМНЕ е 3.6%. Само нека ги видат податоците и ќе им биде јасно кој ја лаже јавноста“кажа Стојаноски.

Стојаноски се осврна и на најавите за можни коалиции на СДСМ во вториот круг на локалните избори. Според него, Филипче всушност ја најави коалицијата со ДУИ.

„Прашањето е едноставно – што толку има ДУИ за него и за Заев, за да не можат да се тргнат од нивниот скут? Секојдневно зборуваат за ‘ново раководство’ и ‘автентични одлуки’, а на крајот повторно се враќаат кај старите партнери во криминал и во корупција… За коалиции? Филипче сам призна дека СДС и ДУИ повторно се едно исто. Две партии без легитимитет, без идеи и без визија, кои знаат само да се бранат зад етнички поделби и криминални интереси. Македонија им сврте грб и тоа ги боли“,вели Стојаноски.

За јахтата за која Филипче демантираше дека е негова, Стојаноски вели – наместо да глуми жртва на пропаганда, нека ја каже вистината.

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не рекло дека јахтата е негова, туку дека е на неговиот ментор, оној кој и денес го контролира. Народот тоа јасно го гледа. И уште една дилема којашто останува: Со кого беше на одмор целото лето? Со кого не разговарал за политика, туку можеби за ‘природата на универзумот’? Граѓаните заслужуваат искрен одговор, а не бегство од вистината зад празни флоскули“,кажа Стојаноски.

Вистината е дека Филипче нема што да понуди, рече Стојаноски и посочи дека единствената стратегија на СДСМ е хаос, дезинформации и клевети.

Претходно претседателот на СДСМ Венко Филипче кажа дека нема тајно сценарио за хаос на изборите, како што тврди Мицкоски. Според Филипче, станува збор за лажни обвинувања со кои ВМРО-ДПМНЕ се занимава подолго време бидејќи нема, како што рече, резултати со кои можат да се пофалат.

На прес-конференцијата Филипче беше прашан и за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека тој подолго време е политички отсутен, како и дека се луксузира на јахта со поранешниот премиер Зоран Заев.

Според него, станува збор за пропаганда која има единствена цел – да дискредитира.

„Ме обвинуваа дека сум имал куќа во Нерези, излезе дека не е вистина, па дека имам подарок џип, исто така не е вистина. Па дека имам зграда во Дубаи и авиокомпанија, исто така не е вистина. Па дека имам јахта сега, што исто така не е вистина. Жалам што таков ПР-систем развива ВМРО-ДПМНЕ со свои медиумски инструменти, со луѓе кои пишуваат по социјалните мрежи, што сметам дека тоа веќе не е само политички феномен, туку веќе е општествен феномен и дека станува збор за луѓе коишто го креираат тој наратив со цел нивото на политичка и јавна комуникација да го сведат под елементарното цивилизациско ниво. Едноставно сакаат да ве однесат во калта и тука да се борите, ама јас тоа нема да го дозволам. Сите тие работи, апсолутно не се вистина“,рече Филипче.

Back to top button
Close