Се крие ли вистината за инцидентот со авионот на Фон дер Лајен и што значи тоа за случајот на Бујар Османи?

Што точно се случи со авионот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при нејзиното слетување во Бугарија? И зошто бугарските власти двапати ја менуваат верзијата за само неколку часа се прашања кои ги поставуваат светските медиуми.

Утрото, премиерот Росен Желјасков изјави дека немало ништо сериозно, туку само „делумен прекин на сигналот“, што е вообичаено во урбани средини. Подоцна истиот ден, веќе попладне, тој го смени тонот и остави можност за вмешаност на Москва. Ова отвори простор за „конфузија на информации“, за потенцијални пречки што не се регистрирани на земјата, но можеби се видливи во податоците од самото летало.

Овој недоследен и нејасен настап на бугарските институции, веќе привлече реакција од „Политико“, „Фајненшл тајмс“ и НАТО. Интересно е што пред само неколку дена реномирани медиуми од регионот открија дека ист ваков инцидент му се случил и на Бујар Османи додека претседаваше со ОБСЕ. Османи вчера на прес конференција го потврди и образложи инцидентот и кажа дека е многу симптоматично што повторно над бугарското небо се случува идентичен инцидент.

Со оглед на тоа што Бугарија сега ги ревидира своите изјави и ја релативизира целата ситуација, се отвора прашање дали бугарските власти може да го потврдат или го отфрлаат инцидентот со Османи?

Прашањето е и дали Османи е подготвен да ги објави деталите за тој лет, што точно се случило, иако на прес конференцијата веќе јасно потврди дека токму таков прекин се случил и морал владиниот авион да слета со рачни мапи.

 

Во време кога ЕУ и НАТО алармираат за зголемени хибридни закани, ваквите инциденти не смеат да останат во сенка. Дури и ако не се докаже директна вмешаност на трета страна, јавноста заслужува транспарентност, јасни информации и институционална сериозност.

Секоја недореченост, секоја сменета верзија, секое „пу-пу, не важи“ – остава простор за сомнеж. А во геополитиката, сомнежот често значи слабост.

 

Back to top button
Close