СДСМ: Неетички е министерот Филков да магистрира на тема од неговиот ресор, Антикорупциска треба да реагира
Министерот за правда Игор Филков има намера да магистрира на тема „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на министерот за правда“. Овој скандалозен потег, иако навидум е академски, е всушност крајно непримерен и неспоив со високата јавна функција што тој ја извршува. Министерот за правда магистрира на тема за сопствени надлежности, изјави денеска на прес-конференција Јовица Јанковиќ, потпретседател на СДММ.
Според него, ова е директен судир на интереси кој го разобличува неговиот личен и институционален интегритет.
„Постапката на министерот отвора прашања за неговата свест за Законот за спречување на корупција и судир на интереси и неговите одговорности како службено лице. Со користење службени документи и информации до кои има пристап како министер, за да ги искористи за лична академска добивка, Филков директно го прекршува членот 62 од истиот закон, кој забранува какво било користење на службената положба за лични цели. Ова не е ништо друго освен злоупотреба на службената должност. Изјавата на министерот дека не постои конфликтна или не конфликтна тема за магистерска работа е не само арогантна, туку и скандалозна“,нагласи Јанковиќ.
Токму креирањето н стратегии во правосудството, додаде тој, е законска надлежност на Министерството за правда.
„Тие се дело на државни службеници и експерти, и никој нема авторски права над нив, па дури ни министерот. Со овој чин, министерот Филков, всушност, си присвојува државен труд за своја лична корист. Ова не е само неетички чин, туку и ја доведува во прашање суштината на академската чесност и интегритет. Господине Филков, со овој потег, Вие го изгубивте моралниот и професионален интегритет за да ја извршувате функцијата министер за правда. Очекуваме реакција на Антикорупциската комисија. Поттикнувањето на сомнежи за судир на интереси и злоупотреба на службената положба не смеат да бидат дел од дејствувањето на еден министер. Јавноста бара одговорност, а не оправдувања и ароганција“изјави потпретседателот на СДММ.
Како што објави „360 степени“, министерот за правда Игор Филков се очекува наскоро да стане магистер по правни науки, а темата што треба да ја одбрани за да се стекне со оваа академска титула е тесно поврзана со ресорот што му е доверен да го раководи во рамките на Владата.
Темата на која работел Филков, како студент на втор циклус студии – административно право и јавна администрација на Правниот факултет, е со наслов: „Креирање стратегии во сферата на правосудството како надлежност на Министерството за правда“.
Менторка на Филков за магистерската тема му е проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска. Други членови на комисијата за одбрана на трудот се проф. д-р Драган Гоцевски и проф. д-р Дивна Илиќ-Димоски.
Од магистерскиот труд се отвора прашањето за конфликт меѓу темата и функцијата што Филков ја извршува во моментов. Дополнително прашање е поврзано со менторката проф. д-р Ивана Шумановска-Спасовска.
Имено, менторката на трудот на Филков, во октомври 2023 г. е во првите редови на настанот на кој се потпишува иницијативата за формирање на политичката партија ЗНАМ, чиј кадар е министерот за правда.
Во вторникот „360 степени“ телефонски разговараше со професорката Шумановска-Спасовска, која на нашите прашања дали е член на партијата ЗНАМ и како го објаснува нејзиното присуство на партискиот настан, ни одговори дека не гледа конфликт на интерес бидејќи, како што вели, не е член на ниту една политичка партија.
Во врска со нејзиното присуство на настанот на ЗНАМ, таа рече дека од тоа не произлегува дека е член на ЗНАМ и дека има конфликт на интереси.
Како и професорката, и Филков ни рече дека нема конфликт на интереси, како и дека со сигурност може да потврди дека професорката не е член на политичката партија од чии редови доаѓа тој.
Аргументирајќи го својот став, Филков вели дека конфликт на тема за магистерска не постои согласно македонското законодавство и подзаконските акти на универзитетите во државава, а што се однесува до изборот на неговата менторка, министерот вели дека професорката Шумановска-Спасовска е определена за негов ментор со одлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет.