“Света Софија” не е конференциска сала – да и ја вратиме светоста!

Под мотото: “Минато што не обврзува – иднина што ја градиме”, веројатно, најстарата научна институција во Македонија и една од најстрарите на Балканот, Хидро биолошкиот Завод, сега – Хидро биолошкиот институт, од Охрид, со Свечена академија, одбележа 90 години постоење и успешна дејност.

Уште во Поканата, инаку, вредната и паметна директорка на Институтот д-р Орхидеја Тасевска, најави:“Настанот не е само прослава на годините, туку и сведоштво за децениската посветеност на науката, зачувувањето на природното богатство и трајниот дух на истражување кој живее во срцето на Заводот”.

Формиран е во 1935 година, а од 1951 година, дотогашната Хидробиолошка, односно лимнолошка станица, прерасна во Завод, подоцна Институт.
Основач, воедно, и најзаслужен за афирмацијата на Охридското Езеро и Охрид во земјата и во светот бешe професорот, академик д-р Синиша Станковиќ, познат биолог, научник од светски глас, Србин по определба, Македонец по корен и чувство.
Роден е на 26 март 1892 година во Заечар, Србија. Меѓутоа, неговиот дедо по потекло бил од Македонија, од селото Пожаране, Полошко. Честопати пред научните работници на Хидробиолошкиот завод, професорот го потенцирал своето потекло, а тоа особено било изразено во последните години од животот.
Синиша Станковиќ, за првпат дошол во Охрид во 1922 година како доцент на Белградскиот универзитет. Откако го видел Охридското Езеро станал вљубеник до крајот на својот живот и остана ненадминат познавач на езерскиот жив свет.
За важноста на Охридското Езеро знаел уште како студент, од проучувањата на виенските зоолози Ф. Штеидахнер и К. Стурану, кои во 1892 година откриле во Охридското Езеро извесен број ендемични риби и полжави.
Како и да е Охрид и Македонија, деновиве, прославија голем јубилеј, на значајна институција, по постоење, речиси едновековно, но, и по резултати.
Балкански, светски настан, со сите нишани.
Тоа е суштината, но, паднаа многу забелешки за формата на одбележувањето.
Многумина забележаа, се до универзитетски професори и академици (академик Вера Грозданова, по потекло од Охрид, сега, кај нас, единствениот жив научник од балкански и светски формат во својата дејност од областа на археологијата и историјата на уметноста), дека, Света Софија не беше, баш, добро одбрано место за прославата.
Истовремено, на инстутицијата и забележа, дека, споменот кон светските научни величини и достигнувања, треба да се негува и внатре, во лабораториите, но и надвор, пред историската зграда, каде, некогаш цветаа белите рози. Па и самата зграда, како објект, за која, државата, јубилејот требаше да го искористи како повод, малку да го “одврзе ќесето”, ако ништо друго, барем за руинираната фасада.
Света Софија, во случајов, ( и тоа не е за прв пат!) беше претворена во конференциска сала!!!

На социјалните мрежи, осамнаа коментари, дека, “тоа не било ни во турско, ни во каурско!”, ни во комунизам, ни во демократија!

“Како, побогу, е можно ваков настан да се организира во црква од 11ти век? Покрај сите хотели, сали, прекрасни локации во Охрид соодветни за вакви настани”, се огласи познат туристички водич од Охрид.

Прашува: “чија била оваа крајно навредлива идеја?”, додека кон
МПЦ – ОА, упатува забелешка: “Ја рентате Св. Софија ко конференциска сала бре..ја оградивте од сите страни… брука. И после не вервит народот. Е па не вервит. Во шо да вервит? Срам голем”!

Организаторот на прославата, сигурно, немал лоши намери кога се определил, еден така значаен јубилеј, да го одбележи токму во Аја Софија – Премудра, но, на читателите оставаме да проценат, дали постапил мудро? Утре ќе има и големи спортски јубилеи, на пример, па годишнина од создавањето на АРМ, Полицијата…!!!
Идејата, нужно, не мора да била од организаторот, кој, надвор од формата, покажа знаење, а да не кажам дека “чедата на нашите блиски се и наши чеда”.
Ќе наведам уште некои факти, кои го понеле организаторот за ваквата определба и избор, а не е исклучено некој да праша: “на ваков, ли, јубилеј најде да бараш влакно во јајцето”!?
Повторно се тие поврзани со величината на Србинот по определба и Македонец по чувство, академик Синиша Станковиќ.
Па, сепак, тоа не ни дава за право, древните врати на “Света Софија” да ги отвораме за секоја прилика. Нека остане, само, за дел од концертите за “Охридско лето”, кое се роди токму тука и е негов заштитетн знак. Но, и за него, не по секоја цена, туку со ограничен број на публика.
Не дека Охрид, градот во кој, Синиша Станковиќ, го поминал поголемиот дел од животот, го заборавиле неговото дело. Охриѓани, меѓу другото, го прогласија за прв почесен граѓанин. За нив тој остана и повеќе од тоа – нивни сограѓанин.
Добиените резултати од истражувањата професорот Станковиќ ги презентирал целосно во монографијата „Охридското Езеро и неговиот жив свет“, што најнапред излегла на српско – хрватски јазик во 1947 година, а во 1959 година – и на македонски јазик, во издание на „Култура“ од Скопје..
Во 1960 година излезе од печат капиталното дело на професорот Станковиќ „Балканското Охридско Езеро и неговиот жив свет“ на англиски јазик, во издание на В. Јанак од Хаг.
Познатиот автор, публицист, Славе Катин, кој и самиот работел некогаш во Заводот, го подготви првото негово дело „Англиско-македонски лимнолошки лексикон“ во 1986 година и ја преведе докторската дисертација на д-р Милчо Точко „Развој и исхрана на младите ципринди на Охридското Езеро“ во 1987(од македонски на англиски).
Сумирајќи ги резултатите од истражувањата, како и од поранешните географско – геолошки изучувања, во своето значајно дело „Фауната на Охридското Езеро и неговиот жив свет“, објавено на германски јазик, направи крупни генерализации за потеклото и за фауната на Охридското Езеро и неговото биогеографско значење.
Покрај Станковиќ, и големиот српски научник Јован Цвијиќ на крајот на деветнаесеттиот век, во Македонија, особено на Охридското Езеро ги извршил своите фундаментални географски, геоморфолошки, еколошки и лимнолошки испитувања, врз чии резултати и дела се засновуваат познавањата за Езерото, за неговата котлина, нејзиниот состав и потекло
Хидробиолошкиот завод доживеа полн процут по Втората светска војна, со конституирањето на Република Македонија. Тогаш се организираше по примерот на два многу познати центри во Европа: Лимнолошката станица на Лунцкото Езерео – во Австија и Макспланковиот завод во Плен, во Германија.
Од 1950 до 1954 година, Хидробиолошкиот завод беше сојузна установа, под раководство на Академскиот совет на тогашна ФНРЈ, а од 1954 до 1961 година повторно е републичка установа во рамките на Скопскиот универзитет. Со формирањето на Фондот за научни дејности на Македонија, се одвои од Универзитетот и од 1961 година е самостојна научна организација, финансирана од Фондот за научни дејности.
По конституирањето на државноста на Македонија, Заводот беше под непосредно раководство на Министерствата за просвета и за земјоделство, а од формирањето на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“, под Филозофскиот факултет, а подоцна под раководство на Природно – математичкиот факултeт
.
Веле Митаноски

.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close