Пораз во добра игра за Алкалоид и во реваншот од бундеслигашот Хановер

Ракометарите на Алкалоид претрпеа минимален пораз 29:28 од германскиот тим Хановер во реваншот од квалификациите од Лига Европа. Хановер на првиот натпревар победи со 10 разлика 37:27 и со две победи се избори за пласман во групната фаза од ова натпреварување, додека Алкалоид го заврши настапот во европските натпреварувања.

Вечерашниот дуел во салата во Автокоманда беше изедначен, а по 6:6 Хановер направи серија од 6-0 за убедливо водство 12:6. Но, тимот на Алкалоид се врати резултатски и со серија од 7-1 стигна до 13:13. На полувреме беше 14:14.

Во вториот дел во првите минути нашиот тим имаше и предност во неколку наврати, но сепак во завршницата на натпреварот гостинската екипа ги казни грешките на домашниот тим и стигна до победата.

Најефикасни на дуелот беа Урош Борзаш кај Алкалоид и Јустус Фишер кај Хановер со по 8 голови, додека најдобар поединец беше голманот на Хановер Жоел Бирлем со 17 одбрани, додека Иван Галевски кај Алкалоид имаше 13.

Пред почетокот на натпреварот Алкалоид го доби пехарот за ланскиот триумф во ЕХФ Европскиот куп.

Back to top button
Close