Во Битола по пауза од 31 година попладне ќе се игра меѓународен фудбалски натпревар

Попладне во Битола, по пауза од 31 година, повторно ќе се одигра меѓународен фудбалски натпревар на кој ќе настапат младинските репрезентации на Македонија и Италија.

Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија професионално и во зададените рокови го реновираа стадионот „Петар Милошевски“ за играње меѓународен натпревар од високо ниво, а потврда добија и од специјална инспекција на УЕФА која додели лиценца за фудбалски натпревари на клупско и репрезентативно ниво.

Средбата меѓу репрезентациите на Македонија и Италија, фудбалери на возраст до 21 година е закажана за 18:15 часот, а најголем дел од влезниците се продадени. На публиката ќе и биде овозможено следење на натпреварот од целосно обновени трибини, а за новинарите подготвени е посебен медиумски центар. Вложувањата и интервенциите во стадионот претставуваат значаен чекор за развојот на фудбалската игра во градот и регионот, посочија од Општина Битола во пресрет на попладневниот натпревар за кој обезбедено е и осветлување.

Последен пат меѓународен фудбалски натпревар беше одигран во 1994 година кога во Битола гостуваше младинската фудбалска репрезентација на Шпанија

Back to top button
Close