Пренџов очекува да види кој се бил прислушуван
Љупчо Пренџов, избегна да одговори конкретно на прашањата на новинарите за став во врска со барањата на опозицијата за декласификација на документите.
Пренџов рече дека она што е важно од денешниот надзор е да се види што точно се случувало во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и кои мерки, како што кажа, биле користени против ВМРО-ДПМНЕ додека партијата била во опозиција.
„Да видиме кој и колку бил таргет, да видиме кои мерки биле користени против тогашната опозиција, да видиме што е испратено до Обвинителството на Република Македонија и конечно овие институции да ги решат овие работи за повеќе никогаш да не ни се случуваат во рамки на македонското општество, бидејќи сметам дека службите треба да бидат чувари на државата, а не генератор на кризи во државата“,рече Пренџов.
Прашан зошто Комисијата не побарала надворешни експерти за увидот, бидејќи има системи за кои тие немаат стручно познавање, Пренџов појасни дека покрај Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР во Собранието има уште една Комисија за надзор на комуникациите, која, како што рече, доколку е потребно, може да се вклучи.
„Ве уверувам дека доколку ние увидиме и други работи, таа Комисија ќе се вклучи и е добредојдена. Надзорот на никого не му штети, надзорот е добар, тоа е здраво за демократијата, бидејќи секој од нас кој е јавна личност, јавен функционер што зема народни пари е должен да биде транспарентен и да работи согласно законот“,изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
