ДУИ: Заробувањето на Владата од „српскиот свет“ ја загрозува државноста и евроатлантската иднина на земјата
Демократската унија за интеграција со голема загриженост ги следи последните случувања поврзани со засилувањето на политичкото и културното влијание на „Српскиот свет“ во Северна Македонија, преку отворената поддршка од актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Иван Стоилковиќ, се наведува во соопштението на ДУИ.
Јавноста имаше можност јасно и отворено да види дека:
• На територијата на Северна Македонија сѐ почесто се одржуваат манифестации организирани од Белград, на кои се промовираат историски наративи за „Стара Србија“ и таканаречените „српски ослободители“, со што се навредуваат идентитетот и државноста на земјата.
• Такви прослави и чествувања се организираат дури и на истиот ден со државните празници на Северна Македонија, конкретно на Денот на независноста, создавајќи апсурд на две паралелни „независности“.
• Со поставувањето спомен-плоча за српскиот војвода Вук, како и со учеството на српски паравоени структури на овие манифестации, отворено се легитимира српскиот шовинизам, додека истата влада на ВМРО со хистерија се спротивставува на секој обид на Албанците да подигнат сопствен споменик.
Сето ова се одвива со официјално присуство на претставници на државата и под сенката на таен договор со Србија – договор кој никогаш не бил објавен, ниту пак поминал во Парламент.
ДУИ предупредува дека овој двоен стандард – каде за односите со Бугарија се крева паника, додека за односите со Србија се затвораат очите пред отворениот историски ревизионизам – претставува закана не само за државниот интегритет, туку и за евроатлантската перспектива на земјата.
Особено загрижувачка е улогата на заменик-премиерот Иван Стоилковиќ, кој уште од почетокот на 90-тите години бил противник на независноста на Македонија, а денес, со својата антиалбанска и антибугарска реторика, делува како гласноговорник на интересите на „Српскиот свет“ во Скопје.
ДУИ бара итна транспарентност и прекин на секоја форма на легитимирање на српските обиди за историски ревизионизам во земјата, како и враќање на фокусот на Владата кон вистинските државни приоритети – европската интеграција и гарантирањето на меѓуетничката еднаквост.
Демократската унија за интеграција ќе остане непоколеблива во одбраната на интересите на граѓаните и евроатлантската иднина на Република Северна Македонија.