Поднесено обвинение за депониите во Вардариште, во притвор тројца откупувачи на старо железо
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата , информираа од ЈО преку соопштение.
Тројцата обвинети, на ул.„Зендел Џемаил“ во Скопје, од 2020 година до 02.09.2025 година вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад.
Согласно обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејствија обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за тројцата обвинети.
Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, ОЈО Скопје издава и повеќе наредби со цел откривање на други сторители на кривични дела.
По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје во финална фаза се и вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката која се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари. Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.
На 9 јули, на таа локација беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери. По анализа на вештачењата во корелација со сите други прибрани докази, јавниот обвинител ќе донесе одлука и во однос на овој предмет.
За настанатиот пожар на депонијата „Дрисла“ до овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Сепак, обвинителството ја следи состојбата и доколку утврди дека со кривично-правни дејствија била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи, известуваат од ЈО