Забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“
Донесена е забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“, како итна мерка во насока на справување со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба, а надлежен за оваа проблематика е првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Како што информира денеска Министерството за животна средина и просторно планирање, Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи на денешната седма седница предложил до Владата, а Владата ги усвоила овие заклучоци.
Заклучоците, како што соопшти ресорното Министерство, се донесоа по дискусијата за состојбата со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба. По исцрпната дискусија, членовите на Комитетот, поради зголемените ризици по животот и здравјето на граѓаните и поради загадувањето на животната средина, како што се наведува, ги донесоа заклучоците за превенција и отстранување на штетните последици од пожарите на депонијата „Вардариште“.
– Овие заклучоци се во насока на заштита на животната средина и безбедноста на граѓаните, како и превентивно управување со потенцијални кризни ситуации од ваков тип. Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи будно ја следи целата ситуација во и и околу „Вардариште“ и ќе биде вклучена се до трајно решение на овој проблем, за што бара трпение од засегнатите граѓани, стои во соопштението.