Фани Каранфилова Пановска: Ние ќе понудиме општини коишто ќе обезбедат чиста и здрава животна средина
Заменик-претседателката на СДСМ – Фани Каранфилова Пановска денеска во своето обраќање на регионалната конференција под мотото „Еден регион. Една визија. Една иднина“, во организација на Прогрес Институт, се осврна на значењето на претстојните локални избори за СДСМ и за Македонија, како и за регионалното поврзување на социјалдемократските партии.
„Кога зборуваме за важноста на изборите во Македонија, важноста на локалните избори за СДСМ, сметавме дека е многу важно на овие локални избори како ново раководство на партијата, како една нова визија, којашто во себе ги содржите постулатите на социјалдемократските вредности, да покажеме свежина, сметавме дека е многу важно да понудиме добра и програмска и кадровска понуда којашто ќе направи разлика визави нашите политички опоненти и тоа не во на ниво на флоскула, него на ниво на суштина“, истакна Каранфилова Пановска.
Таа нагласи дека граѓаните во Македонија чувствуваат една стравична апатија, незадоволство и чувство на несигурност во сопствените домови, на сопствените улици, институции, и токму затоа СДСМ нуди решенија и политики коишто ќе ја вратат довербата на граѓаните во општинската администрација.
„Решенија кои ќе ја вратат довербата на граѓаните дека во јавните простори можат да се чувствуваат безбедни, ќе ја вратат довербата дека сервисите коишто им ги нудат општините ги задоволуваат нивните потреби и ги решаваат нивните проблеми. Но, пред се и над се ќе направат да се чувствуваат безбедно. Ќе понудиме политики коишто ќе обезбедат чиста животна средина. За жал видовте колку е нашиот главен град затрупан во ѓубре, колку се улиците се валкани, колку инфраструктурата е несоодветна. Ние ќе понудиме општини коишто ќе обезбедат една чиста и здрава животна средина и со тоа да ги направиме општините места каде што нашите млади генерации ќе сакаат да останат“, рече Каранфилова Пановска.
Каранфилова Пановска додаде дека општината на ниво на сервиси на услуги на политики што ги нуди е и јадрото и орбитата за граѓаните, а локалната власт е таа којашто би требало да биде еден од најголемите манифестатори на тоа како се владее во една држава.