Македонија втора по највисоки трошоци за одбрана на Балканот
Македонија е втора во регионот на Западен Балкан според издвојувањата за одбрана, покажува истражување на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (SIPRI), објавено од Радио Слободна Европа.
Според податоците, Србија во последните пет години била убедливо прва со 2,6 отсто од својот БДП насочен кон воени расходи, додека Северна Македонија е веднаш зад неа со 2,1 отсто. Потоа следуваат Албанија (2%), Црна Гора (1,8%), Косово (1,5%) и Босна и Херцеговина (0,7%).
За разлика од Србија, која иако се декларира како воено неутрална држава, интензивно инвестира и во западно и во источнo вооружување, Северна Македонија како членка на НАТО своите капацитети ги гради преку соработка со сојузниците од Алијансата.
Според SIPRI, само во 2024 година Србија издвојувала околу 2,2 милијарди долари за војска – речиси пет пати повеќе од Албанија, иако и двете држави имаат приближно слично население.
Македонија, пак, со вложувањата во одбраната ја исполнува обврската кон НАТО за издвојување на најмалку 2 отсто од БДП за воени трошоци, а дополнителен акцент се става на модернизација и опремување на армијата со западна техника.