Нели е апсурд што Левица нема да добие државни пари за политичко рекламирање – прашање од 360 до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски вели дека поради политички калкулантства и несериозност на ДУИ не се донесоа измени во Изборниот законик, што ќе било можност да се коригира и оваа одредба

Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: „360 степени“
Претседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека ако се изгласале измени на Изборниот законик во Собранието, тоа ќе било можност да се коригира и начинот на рекламирање за локалните избори.
Ова е дел од одговорот на Мицкоски на прашањето дали се согласува дека е апсурд што политичката партија Левица, со шест пратеници во парламентот, останува без политичко рекламирање платено со државни пари и дали требаше да се направи обид да се коригира тоа. Особено што пари од буџетот за таа намена добиваат и вонпарламентарните партии.
Мицкоски: Изборниот законик беше дел од тие преговори и се усогласи тој Изборен законик, ако се сеќавате. За жал, поради политички калкулантства и играрии не се донесе. Во таа верзија на Изборниот законик многу работи ќе беа поразлични, вклучително и потписите за независните кандидатури, начинот на рекламирање и ќе имавме уште еден бенчмарк од Планот за раст.
„360 степени“: Ама ова за што зборуваме не беше таму, корекција на оваа одредба од Изборниот законик…
Мицкоски: Сакам да кажам, ќе беше можност тоа да се направи, да се искоригира. Тоа ми беше поентата. Но, за жал, поради политички игри и калкулантства на, пред сè тука мислам на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и недржавничкиот однос, дојдовме до една таква ситуација. Иако ВМРО-ДПМНЕ и во минатото победуваше на избори, имаше најголем број пратеници, не беше во владата, па никогаш не калкулираше со ваков тип документи.
„360 степени“: Колку и да ви е политички тешко тоа да го кажете, нели е апсурд некој со шест пратеника во парламентот да нема пристап до државните пари за рекламирање?
Мицкоски: Мене не ми е воопшто тешко. Ние, да речеме, сега во овој случај, потпишуваме меѓупартиски договор со политичката партија ЗНАМ и отстапуваме дел од нашето време. И тоа е, ако гледате, апсурд, којшто ни припаѓа по закон. Ние сме повторно широки во целиот овој процес. Сакавме да се донесе тој закон, сакавме сето тоа да се направи. Но, за жал, тој закон е дел од оние закони што не ги опфати реформата во Деловникот за работа во Собранието и е потребна согласност од сите политички партии во парламентот. (…) Чудно е зошто ја споменавте само Левица, а не и ЗНАМ.
„360 степени“: И за ЗНАМ истото важи, неспорно, ама вие сега на ЗНАМ ќе му дадете пари за тоа.
Мицкоски: Ама тоа е наша добра волја. Инаку, ние можевме да речеме – не даваме.
„360 степени“: Ама кој да им даде сега пари на Левица, премиере?
Мицкоски: Не, оставете го сега тоа е прашање коешто може да се дискутира. Но, и ЗНАМ е во ист тој статус. Така што, поентата ми е дека ние немаме тенденција. Напротив, сакаме решение.