Синиша Каран номиниран од партијата на Додик за нов претседател на Република Српска

Синиша Каран – министер за научен и технолошки развој и високо образование на Република Српска, кој е под американски санкции, е кандидатот на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) за претседател на оваа босанска федерална единица со мнозинско српско население, јави Радио Слободна Европа.

Каран долги години е еден од најблиските соработници на лидерот на партијата и поранешен претседател на РС, Милорад Додик. На седница на Управниот одбор на СНСД во Бања Лука, Додик најави дека партијата ќе учествува на предвремените претседателски избори на 23 ноември, иако претходно најави бојкот.

Република Српска остана без претседател во август, кога Додик беше разрешен од функцијата поради непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит. Тој беше осуден на една година затвор, заменета со парична казна, и доби забрана да врши јавна функција во следните шест години.

Каран (63), доктор по право и универзитетски професор, беше министер за внатрешни работи на РС по изборите во 2022 година, а во септември годинава ја презеде функцијата министер за научен и технолошки развој и високо образование. Претходно имал повеќе раководни позиции во МВР на РС и во државната агенција СИПА, а бил и генерален секретар на владата на РС.

САД го ставија Каран на „црната листа“ на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) во јануари, поради неговата улога во организацијата на прославата на 9 јануари – Ден на Република Српска, кој Уставниот суд на БиХ трипати го прогласи за противуставен.

Back to top button
Close